Петковски : Судиите во Македонија во исто време стануваат и вештаци или само зборот на Груевски е доволен за пресуда?!
Откако Основниот суд 2 одлучи да му одреди парична казна од 650 илјади денари за навреда и клеветење на премиерот Никола Груевски, лидерот на НСДП Тито Петковски најави дека ќе поднесе жалба и дека за случајот ќе ги извести претставништвото на ОБСЕ во Македонија, како и амбасадорот на Европската комисија.
Тој на денешната прес-конференција рече дека спорот не би го изгубил доколку судот одлучувал независно. За Петковски пресудата претставува потврда за силното влијание на извршната врз судската власт.
„Спорот немаше да го изгубам ако се применуваа законските акти. Овој судија се потресе кога го виде премиерот, односно тој што тужи. Ако го прочитал и разгледал законот немаше шанса да изрече надомест на штета“, рече Тито Петковски.
Тој забележува и на брзината на донесувањето на пресудата, посочувајќи дека на 2-ри овој месец е одржано првото рочиште, главната расправа на 11-ти, а пресудата беше соопштена два дена подоцна. Ваквата пресуда за опозициската СДСМ е очекувана.
„Клучното прашање е зошто судијата не дозволил вештачење за „душевната болка“ на премиерот Груевски и зошто сите предлози за изведување на докази од страна на одбраната на Петковски судот ги отфрлил? Значи ли тоа дека судиите во Македонија во исто време стануваат и вештаци или само зборот на Груевски е доволен за пресуда?“, се вели во писмената реакција на СДСМ, објави „Дојче Веле“.
Партијата констатира дека пресудата е изречена на ден пред започнување на годишните одмори на судовите, што според СДСМ било очигледно дека на судот му било многу важно итно да пресуди во полза на душевната болка на премиерот Никола Груевски.
„Во македонското судство ништо не се менува. Хајката и одмаздата на власта против политичките неистомисленици наместо да запре, се верификува преку судски одлуки со скандалозни постапки“ пишува во реакцијата на СДСМ.
Петковски пред новинарите го презентира текстот од 27 февруари 2011-та година, изваден од владината архива, во кој премиерот Груевски потврдил дека: „Пред Букурешт одлучивме да го прифатиме предлогот на Нимиц и да го ставиме на референдум“.
-Пред Букурешт, тука во Скопје, ни беше понудена опција од Нимиц, односно конкретен предлог беше името Република Македонија (Скопје). Ни беше кажано дека тоа е последен предлот и дека треба да се изјасниме. Ние одлучивме да се изјасниме, да го прифатиме, да го ставиме на референдум. Ние одговоривме дека немаме мандат, ниту јас како премиер, ниту Владата има мандат пред граѓаните самата да донесе одлука дали тоа треба или не треба. Одлучивме да го прифатиме тој предлог, кој може да се стави на референдум, за граѓаните да оценат дали тоа е добар предлог или не – изјавил Груевски во 2011-та година, објави „Нова ТВ“.
