Петковски и Жерновски на средба со Заев – се бара стратегија за опозицијата
Лидерите на НСДП и на ЛДП, Тито Петковски и Андреј Жерновски, денеска треба да се сретнат со нивниот коалициски партнер, лидерот на СДСМ Зоран Заев за да утврдат стратегија за натамошното делување на опозицијата.
Средбата доаѓа по минатонеделните неофицијални информации дека дел од опозициските пратеници се изморени од бојкотот и бараат да се вратат во Собранието. На 10 ноември истекува рокот по кој собранискиот спикер Трајко Вељаноски може да побара да им се одземат мандатите затоа што не учествуваат во работата на законодавниот дом.
Според најавите од СДСМ, од лидерите на опозицијата се очекува да испратат јасна порака за тоа како ќе продолжи концептот на вонпарламентарно делување.
Жерновски, пак, вчера потврди дека има пратеници кои сериозно размислуваат да се вратат во собраниските клупи, бидејќи стравуваат од маргинализирање на улогата на опозицијата.
„Мене ми е многу битно да соопштиме дека и да има пратеници кои сметаат дека треба да се вратат во Собранието, не велам дека нема, некои од нив даваат изјави дека се горди што се во Собранието, а беа на листите на коалицијата, тоа не треба да влијае на одлуката на опозициските партии бидејќи не може неколку поединци да ја држат во заложништво целата опозиција, како и целата политичка состојба во Македонија“, рече Жерновски вчера.
Од редовите на неговата партија, пратеничката Роза Топузовска-Каревска уште од почетокот одлучи да не ја следи одлуката за бојкот и се врати во Собранието. По неа, тоа го направија и двете пратенички на СДСМ Љубица Буралиева и Солза Грчева.
Слично
