ПЕТАР ГОШЕВ: И по 22 години независност најпотентниот дел од нацијата се иселува од Македонија!
Петар Гошев, до осамостојувањето на Македонија, од 1984 до 1988 година бил член на Претседателството на ЦК на Сојузот на Комунистите на Македонија. Во 1989 година е избран за претседател на СКМ и на таа функција останува до 1991 та година. Гошев во 1993 та година се отцепува од СДСМ и ја формира Демократската Партија. До 1999 та година тој е претседател на ЛДП, кога поради неуспехот на партијата на парламентарните избори во 98 та, поднесува оставка. Петар Гошев бил и дел од извршната власт, односно тој е еден од поранешните министри за финансии а потоа и гувернер на Народната Банка на Македонија. Оценувајќи го економскиот тек во изминатите 22 години независност, Гошев за “Фактор“ вели “ Перманентната економска и политичка криза во која се наоѓаме е всушност криза на нашите вредности.
ФАКТОР: Кои беа клучните економски настани, состојби и потези што оставија белег и беа значајни за македонската економија во овие 22 години независност?
ГОШЕВ: Ужасно неправичната и бавна приватизација на општествениот капитал е настан на столетието, не само на дваесет и двегодишната транзиција. Потоа би ги издвоил: двете економски ембарга, едното од Грција кон нас и другото кон Србија од меѓународната заедница остварувано и преку нас. Последиците беа големи, тука се заробените девизни штедни влогови на граѓаните со колапсот на банкарскиот и вкупниот економски систем и продолжението со измамите на т.н пирамидални штедилници формирани во првата половина на девеесеттите, дадените економски монополи во рацете на странските газди. Би го издвоил воведувањето на т.н. "рамен данок". Сите овие настани, секако ги наведувам во негативен контекст, имаат огромен придонес за тоа што стигнавме до состојба на веќе ендемизирана корупција во државата и огромна социјална нееднаквост.
ФАКТОР: Зошто и по 22 години независност, економијата не може да испорача раст на БДП поголем од 6,1 отсто, регистриран во 2007 ма година?
ГОШЕВ: Затоа што не сме го зголемиле потенцијалот на факторите на раст. Во овој момент, во нормално политичко - безбедносни услови, т.н. потенцијален раст на македонската економија е под 5%. Во овие 22 години, за жал, наша доминантна тема е политичката и безбедносната состојба на Македонија, а тоа прашање е и првото што го анализираат потенцијалните странски партнери, вклучително и сите потенцијални инвеститори, па дури и домашните.
Потоа, денешната економска инфраструктура е во полоша состојба од пред 90-те, квалитетот на образованието е послаб од кога било, негативната селекција при регрутирањето кадри за јавната администрација и пополнувањето на раководните функционери во државата преку политичкиот процес ( очајно лош) е мултиплицирано во споредба со "предтранзициското" време.
Судскиот систем е под ужасна партиска контрола; најпотентниот дел од популацијата се иселува од земјата, прашањето на техничко-технолошкиот развој и иновации се појавува само во форма на случајни инциденти. Политичките елити главно некадарни, нечесни и без доволно воља да канализираат еден процес на продуктивна дебата. Сето ова не се услови за повисок и одржлив раст на економијата.
ФАКТОР: И по повеќе од две децении сеуште зборуваме за високи стапки на невработеност и сиромаштија. Погрешни економски политики или објективни фактори што не дозволуваат исчекор?
ГОШЕВ: Доколку продолжи истиот начин на управување на земјата и натаму ќе зборуваме не за високи, туку за рекордни стапки на невработеност и сиромаштија. Сите фактори за кои зборував во претходното прашање, а може да се додадат и други, се причина за огромната невработеност и сиромаштија. Во прашање е (не)функционирањето на вкупниот политички систем. Во таков систем неможе да има успешни економски политики, ниту простор и дебата за нивна корекција дури и откако на сите ќе им стане јасно дека така не оди. Во прашање е целиот систем на вредности.
Перманентната економска и политичка криза во која се наоѓаме е всушност криза на нашите вредности. Секако, може да кажеме дека имаше и важни објективни попречувачки причини. Објективен негативен фактор е целиот регион, со речиси истото неснаоѓање, мангуплуци, парохијални ментални хоризонти. Но за тие околу нас и ние сме дел од таквиот регионален хендикеп. но, сепак, ние имаме барем еден повеке од нив, кој не е доволно алиби за нашите неуспеси - непрекинатите обиди да ни одземаат енергија во врска со нашиот идентитетски статус. а ние во сето тоа продолжуваме слабо да се снаоѓаме.
ФАКТОР : Каде Македонија треба да ја гледа и да ја бара својата економска иднина? Дали евроатланските интерации би ја промениле сегашната слика?
ГОШЕВ: Барањето иднина е никогаш завршен процес. Тоа секогаш зависи од вкупните промени во светот. но во овој момент евро-атланските интеграции се дел од решението на нашите проблеми. Нашето вклучување во тоа друштво би ни дало нов период на надеж и шанса да се консолидираме. Но таму не не' сакаат со сите наши проблеми. Некои мора да ги решиме предходно сами - да стигнеме до пристојна функционална демократска заедница, способна со демократска дебата да ги решава своите проблеми.
Р.Ф.
Слично
