Пет пати повеќе дизел се продал изминатиот викенд
Изминатиот викенд е продадена пет пати поголема количина дизел во малопродажба споредено со вообичаената потрошувачка.
Ова го тврдат податоците на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој додава дека со овие бројки се срушени сите рекорди. Продадени се рекордни 200 тони нафта од бензиските станици низ државата.
„Владата реагираше за маржата за да спречи голем раст на цените. 200 тони нафта се продадени викендов, инаку нормално се продава по 40 тони“, изјави Битиќи во студиото на ТВ21.
Тој сепак рече дека нема место за паника и дека нафта има. Не е познато дали во вројките на вицепремиерот влегува и количината во понеделникот, кога имаше најголем метеж пред бензинските станици, откако регулаторот објави дека дизелот поскапува за 10 денари.
