Пет клучни производи во опасност: Глобален недостиг му се заканува на светот
Конфликтот со Иран веќе има сериозни последици врз глобалната економија, а нарушувањата во синџирите на снабдување би можеле да доведат до недостиг на клучни производи ширум светот, вклучително и во Европа.
Иако вниманието е насочено кон растот на цените на нафтата и проблемите во Ормуски теснец, експертите предупредуваат дека кризата погодува и други сектори – од земјоделството до фармацијата и технолошката индустрија.
1. Вештачки ѓубрива
Производството на ѓубрива е меѓу најпогодените. Околу една третина од светската трговија со ѓубрива поминува низ Ормускиот теснец, а цените на клучните компоненти како сулфур, уреа и фосфати веќе пораснале за 30 до 40 проценти. Долготраен конфликт може сериозно да ја загрози глобалната прехранбена сигурност, бидејќи половина од светското производство на храна зависи од овие средства.
2. Алуминиум
Пазарот на алуминиум е дополнително разнишан по нападите врз топилници во регионот на Заливот. Овој метал, кој сè почесто се нарекува „нова нафта“, може да достигне рекордни цени. Регионот произведува околу 10 проценти од светскиот алуминиум, а прекините веќе предизвикуваат паника, особено во автомобилската индустрија.
3. Пластика
Енергетската криза директно се прелева и врз индустријата за пластика. Блискиот Исток, кој е клучен извозник на полиетилен и други петрохемиски производи, се соочува со сериозни нарушувања. Како резултат, цените растат, а компаниите бараат алтернативни, поскапи добавувачи.
4. Лекови
Фармацевтската индустрија исто така е погодена. Проблемите во транспортот и намалениот извоз од производствени центри како Индија можат да доведат до недостиг на лекови. Во некои земји веќе се предупредува на можни недостатоци на основни медикаменти, вклучително и лекови против болка и терапии за сериозни болести.
5. Хелиум
Производството на хелиум е уште еден погоден сектор. Нападите врз постројки во Катар го нарушија глобалното снабдување со овој гас, кој е клучен за производство на чипови, оптички влакна и медицинска опрема како магнетна резонанца.
Експертите предупредуваат дека доколку конфликтот продолжи, последиците може да се продлабочат и да предизвикаат сериозни пореметувања во глобалната економија. Иако првите ефекти се гледаат преку растот на цените на енергенсите, вистинскиот удар може да дојде преку недостиг и поскапување на производи што се дел од секојдневниот живот.
Србија данас