ПЕТ ГОДИНИ CREATIVE HUB: Интервју со основачот Бојан Коскаров, македонска компанија со центар во Скопје, Приштина и Мајами
Creative Hub оваа година бележи пет години од своето постоење. Основан во 2017 година ги надмина стереотипите за раст. Стана запаметен во 2019-та година кога се најде на листата на Форбс под 30, организирањето на Балкански самит, наградата во Давос за време на Светскиот Економски Форум, победата на Miami Global Fundraising Stage во 2021, а денес е центар кој успешно работи во Македонија и Косово и ги започнува своите операции во Мајами, Флорида.
Во интервју за Фактор, основачот Бојан Коскаров раскажува за предизвиците, успесите но и идните планови.
Бојан, ја основавте компанијата на свои 21 години, што научивте во изминатите 5 години со оглед на фактот дека неуморно работите на ширење на нови пазари?
Коскаров: Најпрво би сакал да потенцирам дека Креатив Хаб има два основачи тоа сме јас и мојата сестра, Аријана. За нас, основање на Креатив Хаб на почеток беше една интересна авантура, меѓутоа подоцна со основањето на две компании стана исклучително тежок предизвик, предизвик кој не натера да се адаптираме и да еволуираме како компанија, но и како индивидуи низ сите промени и процеси што се случија во последните 5 години, од воведување на нови продукти и континуирано подобрување на старите, до адаптирање низ добата на корона и наоѓање на решенија за надминување на истата. Секако сето ова немаше да биде возможно без нашиот тим на колеги, предавачи, но и нашите родители кои константно не поддржуваат.

Во едно интервју кажавте дека 90 отсто од вашите вработени се ваши поранешни студенти. Во моментов отворате и канцеларија за регрутација на tech кадар за американски пазар. Која од Академиите сметате дека е најперспективна за младите? Колку е тешко да се најде работа по завршувањето на Академиите?
Коскаров: Тоа е точно, нашиот тим го сочинуваат професионалци кои во минатото беа наши студенти и ние сме горди на самиот тој факт. Кога станува збор за Америка, Американскиот пазар е огромен со неограничени можности, и ние сметаме дека доколку сакаме да направиме одреден „бум“, адресата за тоа е САД.
Во Креатив Хаб има студенти на возраст од 16 до 50 години. Во однос на тоа која од академиите е најперспективна, тоа е одлука на самиот студент и како тој се чувствува. Би било грешка ако кажам дека било која од академиите е најперспективна, бидејки секој човек има одредени преференции според неговиот карактер и природни таленти, па така некој кој би бил одличен програмер не значи дека би бил и одличен графички дизајнер и обратно. Со тоа што нас целта ни е да ги охрабриме потенцијалните студенти да ја одберат својата пасија бидејки само така ке бидат одлични во тоа што го работат и нема да им биде тешко да најдат работа, тоа компаниите го гледаат и тоа го сакаат од своите идни вработени.
Вие ги менаџирате двете канцеларии во Скопје и Приштина. Колку Ве прифати народот во Приштина, како македонска компанија, и кое е Вашето искуство после три години на тој пазар?
Коскаров: Да бидам искрен, до 2019-та година никогаш немав отидено во Косово или Приштина, не ја познавав културата на соседите која што е во исто време слична и различна од нашата. Одлично бевме прифатени, јас лично и живеев во Приштина девет месеци и слободно можам да кажам дека тој период беше еден од најинтересните и најубавите во мојот живот. Косово е мал пазар, меѓутоа исклучително интересен, голем број од младите сакаат да инвестираат во себе и да учат нови работи, па така овие три години беа исполнети со многу академии и студенти.
Кој е, според Вас, најголемиот успех за Вашата компанија? Нешто што го доживувате како личен успех?
Коскаров: Не може да се одвои едно нешто или еден настан. Најголем успех за нас е тимот кој неуморно работи, предавачите кои несебично го споделуваат своето знаење и нормално, нашата цел, која е создавање на талентиран кадар.
Многу млади сакаат да отворат бизнис, но најголемиот проблем се финансии. Вашата компанија е Ваша лична инвестиција, која можеме да кажеме дека ја претворивте во одржлив бизнис модел кој секојдневно расте. Каков совет ќе им дадете од Вашето искуство? Кој е рецептот за да се стигне до одржлив капитал?
Коскаров: Рецептот е создавање добра флексибилна организација која може да одговори на потребите на пазарот, и доколку е потребно да се адаптира на промените, кои секако ќе ги има. Иако вака звучи едноставно, воопшто не е лесно да се направи.
Македонија ве запамти по наградата Форбс под 30, а Ваш гостин и во 2020 беше и главниот уредник на магазинот Форбс, кој дојде на Ваша покана во Скопје. По Форбс, постои ли стимул за да се достигне нешто повеќе? Има ли награда што сакате да ја освоите?
Коскаров: Не се борам за награди или титули, целта ми е да се развие неформалното образование. Стимулот ми е да создадеме силна организација каде колегите сакаат да бидат дел, клиентите ја препорачуваат, а предавачите се горди дека во оваа организација го споделуваат своето знаење.

Кој е Вашиот план за Creative Hub, 5 години од сега?
Коскаров: Па дефинитивно тоа е Креатив Хаб Мајами/САД, и можеби потенцијално и со искрена лична желба отворање на Креатив Хаб во Солун.
Каде се гледате 10 години од сега?
Коскаров: Тешко е ова прашање, можеби во Мајами, можеби во Македонија, можеби во Солун, можеби и во нов бизнис. За да дознаеме ќе треба да го повториме ова интервју во 2032 година.
За крај, што ново можеме да очекуваме од Creative Hub оваа сезона?
Коскаров: Па оваа сезона планираме да освоиме две титули, Премиер Лига и Лига на Шампиони ( ха, ха ) секако, оваа година во Македонија и Косово планираме да лансираме нови академии во ИТ сферата ( за изучување на програмскиот јазик Scala кој е моментално на врвот на најбарани во САД). Додека мојот бизнис партнер – мојата сестра живее во САД каде работи на отворање на Creative Hub во Мајами, нашата стратешка цел за 2022 година која ќе ја оствариме.
