Пешевски најави реформи на инспекциските служби и казнената политика
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски најави реформи на инспексциските служби и во делот на казнената политика, во тек на денешната посета на Радовиш.
- Целта е од прва рака да се запознаам со спроведувањето на владините политики и со проблемите со кои реално се соочуваат инспекторите и оние кои работат во овие државни органи, а со цел да попомогне на граѓаните полесно да ги добиваат услугите од државата, рече Пешевски.
Тој истакна дека вработените во овие инспекциски служби и државни институции можат да бидат подобро технички опремени и кадровски подготвени.
- Има забелешки во однос на тоа, но и забелешки за висината на казните, што се пропишани со определени закони. Имаме разбирање за тие забелешки, токму во таа насока ќе бидат и реформите кои се предвидуваат во законот за инспекциски надзор, со кои малку поголеми ингеренции им се даваат на инспекторатите. Но и понатаму би следело и ревизија во делот на казните, но сепак мораме да бидиме свесни дека како држава треба да помине низ фазата во градење и почитување на институциите, иако во текот на изминатите години имаше казни кои беа релативно високи, наведе Пешевски.
Очекувам, додаде, дека како што дисциплината се зголемува и во Владата ќе има расположение еден дел од овие казни да се намалат, исто како што пред неколку години имаше еден проект, што тогаш го нарековме унапредување на казнената политика, кога за голем број прекршоци воведовме мерка укажување со едукација и едноставно ако се направи корегирање во грешката на која што ја прави одреден правен субјект да не постои никаква казна.
- Системот постојано треба да се гради и никогаш не може да се дојде до идеално решение но, тоа треба да биде тенденција и само низ дирекни средби како што се овие на теренот може да се дојде до конкретни решенија, рече Пешевски.
