Пешевски: Консултации за автопатите правевме за пониска цена
Откако опозицијата денес на прес конференцијата објави како што тврди самиот Заев докази за корупциски скандали со кинеска инвестиција за автопатите Штип – Миладиновци и Кичево – Охрид и во истата таа снимка можеше да се слушне како се договара провизија повисока од 25 милиони евра за двата автопата, заменик претседателот на Владата, Владимир Пешевски истакна дека во процесот на овие преговори биле вклучени тој и Миле Јанакиески, а во меѓувреме се консултирале и со други релевантни институции, најмалку десетина, вклучително и со премиерот.
Тој потенцира дека консултациите биле вршени со намера и насока да се постигне што пониска цена, значи за спуштање на цената и за ништо друго се друго било обид за тешка манипулација и лага.
„Во процесот на преговори кој што е многу долг и комплициран има голем број на консултации, анализи, а се разбира и тактики и техники во самите преговори. Доволно е да кажам дека последните рунди на разговори траеа по 19 часа без прекин. Дел од тие техники е и начинот како се спушта цената. Во тоа спуштање се сугерира со кој чекор двете компании да ја намалуваат цената во фазата на преговори. Откога беше постигната горната цена, на двете компании им беше даден дополнителен рок во кој имаа дискреција да ја спуштат цената под ова ниво и да достават конечна понуда. Беше одбрана на најниската понудена цена, за која што слободно можам да кажам дека е меѓу најниските во Европа, истакна Пешевски.
Цената, рече дека била проценка за градежните работи од Агенцијата за патишта направена за проектот од 2002 година, и врз основа на тоа е правена физибилити студија во 2008 година.
-Од тогаш цената на каменот е 30%, на металите за речиси 40%, цената на нафтата 63%. Во таа цена не се влезени голем број на елементи како што е осигурување, трошоци за водење на проектот, зголемената просечна цена на работната сила, како и други параметри поврзани со реализација на проектот, а кои што со физибилити студијата од 2002 година не биле воопшто предвидени, потенцираше вицепремиерот кој додаде дека очигледно како што самата опозиција призна се работи за монтирани, креирани и сечени разговори.
Пешевски ја потенцира неверодостојноста на разговорите што ги објавува опозицијата и смета дека целта е да се нападне и омаловажи проект кој што е со огромно значење за државата кој бил поздравен од граѓаните и бизнис секторот.
