Пешевски: „Дрекселмаер“ е потврда за успешните владини политики
Фабриката на германскиот инвеститор „Дрекселмаер“, која е меѓу најголемите нови фабрики во Македонија, потврдува дека владините политики се правилно насочени кон подобрување на животниот стандард, оцени вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој заедно со министерот задолжен за странски инвестиции Веле Самак, денеска ја посети оваа фабрика во индустриската зона кај Кавадарци и разговараше со претставници од централата на „Дрекселмаер“ во Германија.
„’Дрекслмаер’ е еден од проектите со кој се гордееме. Преку 50 милиони евра изнесува вкупната инвестиција од која дел е на локални добавувачи кои ја изградија фабриката. Моментно вработува околу 4.000 лица, а се очекува таа бројка да оди до 4.500 и повеќе. Тоа претставува голем черкор за намалување на невработеноста и отворање нови работни места“, рече Пешевски.Според него, проектот е од регионално значење затоа што во фабриката работат работници не само од Кавадарци, туку и од Велес, Градско, Неготино, Валандово и Прилеп. Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски информирал дека во директна соработка со „Дрекслмаер“ се бара најсоодветниот и најподготвен кадар.
„Задоволен сум од она што го видов овде, од начинот на кој се работи, од вработените меѓу кои има и машки и женски. Имаме огромна поддршка од надлежните кои ни овозможуваат да работиме откако претходно ни овозможија да инвестираме во Македонија. Се надеваме дека волку добро ќе биде и во иднина“, изјави Карл Валнер, член на одборот на директори на групацијата „Дрекслмаер“.Нема информации дали на средбата македонските владини претставници ги прашале инвеститорите од германската автомобилска компанија зошто за македонските работници на огласите за вработување нудат само минимална плата. Од „Дрекселмаер“ претходно изјавија дека платите наведени во огласите не биле точни, но прецизната сума што ја нудат не сакаа да ја откријат затоа што била деловна тајна.
Слично
