Персонални промени во МРТВ мора да има, идејата за посебен канал отфрлена како небулозна!
Значајно поместување на работите во медиумската сфера, беше цел на работните групи што вчера разговараа под покровителство на странците.
Ова беше дел и од препораките на Прибе. Како ќе се реши состојбата во јавниот сервис и во Агенцијата за медиуми?
Прашањата уште не се разрешени. Јасно е дека персонални промени ќе има и во двете институции. Она што сигурно се знае е дека идејата што се лиферуваше пред неколку месеци, да има посебен канал за опозицијата, посебен канал за власта на јавниот сервис, веќе не е во оптек. Неа ја отфрлија новинарските здруженија и опозицијата, додека од власта не произлезе став за таквото прашање.
Инаку денеска за Фактор неколку новинари кои ја минале школата на МРТВ изјавија дека мора да има тектонски поместувања.
„Секако, брза, коренита, темелна, менатална, кадровска промена во Јавниот сервис – МРТ, промени во сите нејзини сегменти, во сите досегашни окостени и заробени органи на управување, промени во уредничките па и во добар дел од новинарските ешелони, ќе предизвика земјотрес и силни тектонски помстувања на вкупниот македонски медиумски простор. Вклучително и промени од кадровски до сопственички и во сега најмоќните владини медиуми, како што се препознатливите нејзини инструменти Сител, Канал5 и Алфа и на дел од изданијата на печатените ВАЦ, медиуми во кои деценија веќе е истиснато новинарството со своите генерички вредности“ вели новинарот и уредник Зоран Иванов.
Новинарот Драган Антоновски пак смета дека „Само професионалност во пристапот, контрола и казни за тие кои го злоупотребуваат јавниот сервис, или поконкретно изборот на новинарскиот кадар да не го прават партиите, да се дистанцира политиката од јавниот сервис, да се остават новинарите да ги креираат содржините, а не гебелсовските центри на партиите и бизнисмените. Мора да се направи разлика што е државен, а што интерес на влада и владејачка партија- тоа не оди заедно и не е исто. Мора да се знае дека се работи во интерес на непристрасно и професионално информирање на граѓаните, а не пропаганда на една или на друга партија. Една димензија е решавање на финансирањето на куќата, а друго прашање е професионалност на новинарите и на уредниците“.
Новинарката Катерина Блажевска вели дека „Досега зависноста повеќе беше резултат на коктел од притисоци, автоцензура и отсуство на професионални стандарди во работата, отколку на некакви финансиски причини. Ако се договори фиксна ставка за МРТВ во државниот буџет, која нема да зависи од промената на властите, тоа во континуитет ќе гарантира непречено тековно функционирање на јавниот сервис. Тоа ќе им ги одземе и алибито на сите оние кои се обидуваат да наметнат лажен впечаток дека поради нестабилни финансии страда квалитетот на програмските содржини. Објективноста не зависи од пари. Ниту некогаш зависела“
Во досегашните документи произлезени од процесот на разговори меѓу политичките лидери состојбата во медиумите се споменува во договорот од 2 јуни и во препораките на европскиот експерт Прибе.
Р.Ф.
Слично
