Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПЕРСОНАЛЕЦОТ ПОТФРЛИ, ДДВ НАД ОЧЕКУВАЊАТА: Како се трошел буџетот лани?

ПЕРСОНАЛЕЦОТ ПОТФРЛИ, ДДВ НАД ОЧЕКУВАЊАТА: Како се трошел буџетот лани?

Во Буџетот во 2021 година е остварена реализација на вкупните приходи за 15,3 проценти повеќе во споредба со 2020 година, додека кај капиталните расходи е забележан раст на реализацијата од 45,2 отсто во однос со 2020 година, соопштија од Министерството за финансии. Натфрлање на планираното е забележано кај приходите од даноци и придонеси за 2 отсто, додека дефицитот е реализиран во износ од 38,8 милијарди денари или 5,4 отсто од БДП што е понизок од проектираниот за 2021 година од 6,5 проценти од БДП. Капиталните расходи се реализирани 79 отсто.

„Испративме година која ја завршивме со позитивни движења во економијата иако се уште беше присутно влијанието од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид 19, притисокот врз цените на светските берзи што се чувствуваше и во нашата економија,  како и енергетската криза, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Се соопштува дека приходите од даноци и придонеси во 2021 година имаат реализација од 196.309 милиони денари, кои во споредба со 2020 година имаат зголемување од 13,2 проценти. Кај даночните приходи најголемо  натфрлување има кај ДДВ од 7,3 отсто или остварена е реализација на ниво од 107,3 отсто, односно по овој основ во буџетот се слеани 58.194 милиони денари. Од персонален данок на доход слеани се 20.552 милиони денари и реализиран е со 98,86 проценти од планираното. Кај ДДВ има 24,1 проценти повеќе остварени средства во однос на 2020 година, додека кај персоналниот данок на доход има раст од 10,3 отсто.

„Вкупните расходи се реализирани на ниво од 257.353 милиони денари или 95,87 отсто од планираното и бележат раст од 5,7 проценти во споредба со 2020 година. При тоакај капиталните инвестиции во 2021 година се бележи повисока реализација за 45,2 проценти  споредено со тој период претходната година. Односно во 2021 година реализацијата на капиталните инвестиции е на ниво од 23,4 милијарди денари  што претставува реализација на 79 отсто во однос на планираните средства.  Значајно е дека реализираните инвестиции во 2021 година се на највисоко ниво во апсолутен износ. Ова дава оптимизам за реализирање на големи капитални проекти планирани во Планот за забрзан економски раст 2022-2026, но и реализација на планираните капитални инвестиции во 2022 година кои се на историски највисоко ниво досега со учество од 14 проценти во вкупните расходи, соопштуваат од МФ.


Слично

Поврзани вести