Перо Димшоски: Груевски да излезе од волшебниот круг на злото!
Перо Димшоски е дел од модерната вмровска тројка, која се залага за промени во ВМРО ДПМНЕ, но е дел и од една од поранешните Влади на Никола Груевски, како одговорен во секторот за евроинтеграции. За „Фактор“ дава свое мислење, за начините за излез од актиелната безбедносна и политичка криза.
пишува Д-р Перо Димшоски
Полициската акција во Куманово како продолжение на таа во Гошинце отвора повеќе прашања и наведува на неколку констатации.
Најважна констатација е таа дека овие настани најдобро го покажуваат неуспехот на безбедносните политики на Владата на Груевски. Евидентно е дека мала земја како Македонија, која излезе од тежок конфликт во 2001 година и која географски е лоцирана во поширок регион на политичка нестабилност ја запостави безбедноста и одбраната. Наместо да ги зајакнува секторите на безбедност и одбрана, во изминативе десет години буџетските средства беа пренасочени кон проектот Скопје 2014 каде бесмислено се потрошија повеќе од половина милијарда евра, но и поради тој проект се изгубија и грантови од билатералната помош во исто толкав износ. Значи проектот Скопје 2014 изеде повеќе од 10 годишни буџети на Министерството за Одбрана! Ова е резултат на политиките на Никола Груевски.
Доколку Македонија имаше соодветен безбедносен систем ќе беше невозможно да добро вооружена група од 40 члена ја премине незабележано и непречено државната граница и се пробие до вториот по големина македонски град каде сега води улични борби со полицијата, како да сме во Сирија или Либија, кои се тотално колабирани држави.
Прашањето кое се поставува е за тајмингот на овие настани и нивната предвидливост.
Имено, како баш токму сега се јавија овие вооружени групи, за кои е евидентно дека немаат никаде политичка поддршка и чија појава беше предвидена во медиумите?
Како овие групи се јавија во исто време кога граѓаните конечно се охрабрија да отворено, преку протести, го изразат незадоволството од Владата и бараат нејзина оставка?
Дали Премиерот мисли дека ќе успее да се задскрие зад ова насилство и ќе продолжи да владее без да си го превземе својот дел од одговорноста?
Би сакал сега да го повикам да излезе самиот од овој волшебен круг на злото и покаже и докаже дека пред се му е важна Македонија и превземе храбри чекори, додека сеуште може и се договори со лидерот на опозицијата Зоран Заев, за заедно да им понудат излезни решенија од кризава на граѓаните на Македонија.
Слично
