Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Пензискиот скандал“ ќе ја чини државата најмалку пет милиони евра

„Пензискиот скандал“ ќе ја чини државата најмалку пет милиони евра

Државата ќе исплати дополнителни пет милиони евра надоместок за 12.000 осигуреници кои не биле навремено распределени во еден од приватните пензиски друштва. Случајот кој го оболедени министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, а за кој има и истрага во Обвинителството откри дека на толку осигуреници кои од различни причини не биле навреме распределени Фондот за пензиско осигурување, ПИОМ не им ги уплаќал придонесите на индивидуалните сметки во приватниот пензиски столб. Сега од јануари до јуни секој месец овие пари ќе им легнат на сметка, но за нив треба да се исплати и надомест оти не биле навреме распределени. Вкупната сума за придонесите изнесува 14,3 милиони евра или 888 милиони денари, а само за надоместокот ќе се потрошат уште пет милиони евра (304 милиони денари), потврдуваат од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) за Фактор.

„Согласноподзаконската регулатива овој процес се одвива еднаш месечно во период од шест месеци од јануари до јуни 2019 година. Прво се врши распределба на членството од страна на ФПИОСМ, па друштвата за овие членови пресметуваат надоместок за ненавремено пренесување на придонес, кој во следниот период ФПИОСМ го уплаќа заедно со тековниот придонес. Согласно информациите кои ги има МАПАС се работи за околу 12.000 осигуреници кои не биле навремено распределени, за износ од околу 888 милиони денари по основ на придонесза уплата на индивидуална сметка во втор столб и за износ од околу 304 милиони денари планиран надоместок за ненавремено пренесување на придонеси, велат од МАПАС.

Она што е новина е што тие осигуреници, идни пензионери, сега најверојатно ќе се префрлаат и во третото друштво кое доби дозвола за работа во вториот пензиски столб и покрај тоа што овие членови, ако се распределиле навреме, ќе беа трансферирани во едно од двете друштва кои веќе функционираат.

„Распределбата на осигурениците се врши во постојните задолжителни пензиски фондови врз основа на дефиниран пондер за распределба согласно регулативата, што зависи од два параметри и тоа износот на приносот во номинален износ на задолжителниот пензиски фонд и висината на надоместокот од придонеси што го наплатува пензиското друштво. Доколку во системот започне да работи и трет задолжителен пензиски фонд или повеќе, распределбата ќе се врши на три или повеќе задолжителни пензиски фонда согласно регулативата. При пресметката на пондерот за распределба кога има нов задолжителен пензиски фонд формулата предвидува за принос на новиот задолжителен пензиски фонд да се земе просек од приносите во номинален износ на постојните пензиски фондови и надоместокот од придонес што го наплатува новото пензиско друштво кое управува со новиот задолжителен пензиски фонд, стои во одговорот на прашањето на Фактор.

Неодамна нова трета компанија доби дозвола да основа друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови. СТанува збор за Заваровалница Триглав ДД Љубљана, а друштвото ќе има дозвола да собира пари и во задолжителниот втор пензиски столб но и во доброволниот односно третиот пензиски столб. Досега, а уште од времето кога се воведе двостолбниот пензиски систем пред повеќе од 12 години постоеја само две пензиски друштва кои управуваа со фонд во вториот столб - КБ Прво и НЛБ Нов Пензиски фонд кој на крајот на 2017 година беше продаден на словенечката компанија Сава Ре од кога стана Сава пензиско друштво.

Инаку овие 12.000 осигуреници пристапиле во задолжително пензиско и инвалидско осигурување по 1 јануари 2003 година и се во категоријата на задолжителни членови согласно регулативата, но до денот на започнување на примена на измените на Закон за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување од декември 2018 година, осигурениците од Фондот на ПИОСМ не биле распределени во задолжителните пензиски фондови односно во регистарот на МАПАС.

Од МАПАС објаснуваат дека осигуреник од Фондот на ПИОСМ стекнува членство во задолжителен пензиски фонд со потпишување на договор за членство и со регистрација во Регистерот на членови кој го води МАПАС или со распределба во задолжителен пензиски фонд од страна на Фондот на ПИОСМ во случај кога осигуреникот не потпишал договор за членство во периодот од три месеци и со регистрација во Регистерот на членови кој го води МАПАС. Потоа, Фондот на ПИОСМ тековно ги пренесува придонесите за пензиско и инвалидско осигурување на членовите на задолжителните пензиските фондови на индивидуалните сметки на избраните задолжителни пензиски фондови. Односно, редовниот процес се одвива во две фази, прво се врши зачленување во регистерот на членови, а потоа се врши уплата на придонесите.

Согласно измената на Закон за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување од декември 2018 година предвиден е надоместок за ненавремено пренесување на придонесите со цел да се надомести изгубениот период на управување со средства на овие осигуреници. ФПИОСМ е должен при нивното распределување покрај придонеси да уплати и надоместок за ненавремено пренесување на придонесите, пресметан на начин согласно подзаконската регулатива на МАПАС.

А.Т.


Слично

Поврзани вести