Пензионерите и во 2015 бесплатно ќе посетуваат бањи
Најмалку 5.000 пензионери во 2015 година ќе имаат шанса да искористат бесплатен престој на бања за што Владата на Република Македонија ќе одвои 38 милиони денари.
Ваквата информација ја соопшти владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, кој истакна дека Владата ја усвоила Програмата за користење на услугата бесплатна бањско климатска рекреација за пензионери за 2015 година.
„Периодот во кој пензионерите ќе може да ја користат оваа бесплатна услуга е во интервалот од месец март до месец ноември 2015 година. Престојот ќе биде овозможен во рамките на 4 бањи на територијата на Македонија, во Катланово, во Дебар, во Гевгелија и во Бања Бањско. Пензионерите кои ќе се здобијат со право на користење на услугата оваа година ќе може да користат: 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, здравствен преглед и превоз“, рече Ѓорѓиев.
Согласно усвоената Програма од Владата, најдоцна до крајот на месец јануари 2015 година, Министерот за труд и социјална политика треба да објави официјален оглас за проектот, на кој ќе може да аплицираат пензионерите кои се заинтересирани да ја користат оваа услуга.
Проектот предвидува приоритет да им биде даден на пензионерите кои во текот на својот работен стаж работеле во рудници, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок степен на општа неспособност за работа, но со него ќе бидат опфатени и пензионери од сите категории.
Во изминатите четири години можноста за бесплатна посета на бања ја искористиле 27.430 пензионери.
Слично
