Пензионери земале и социјална помош, државата неосновано исплатила околу 300.000 евра
Пензионери земале и социјална помош, а дел од корисниците добиле пари иако не го исполнувале условот за возраст, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија за исплатата на права од социјална заштита.
Според ревизорите, поради слабости во системските контроли, размената на податоци меѓу институциите и недоволната проверка на корисниците, биле исплатени социјални права без целосно исполнување на законските услови.
Само кај конкретно наведените случаи, државата неосновано исплатила околу 300.000 евра.
ДЗР во соопштението наведува дека „ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено, стекнале, односно користеле и права од социјална заштита и пензија, при што неосновано биле исплатени 14.536 илјади денари, односно околу 236 илјади евра“. овие средства биле исплатени на лица кои во исто време биле евидентирани и како корисници на пензија и на права од социјална заштита.
Од нив, 190 корисници добиле гарантирана минимална помош, 5 корисници добиле траен надоместок, а 40 корисници користеле право на социјална сигурност за стари лица, иако истовремено биле евидентирани и како корисници на пензија.
Ревизијата открива и дека 11 корисници добиле социјална сигурност за стари лица, иако не го исполнувале законскиот услов од навршени 65 години. За нив биле неосновано исплатени околу 52.000 евра.
Дополнително, кај 12 корисници во системот не биле прикажани податоци дека користат паричен надоместок за невработеност. Поради тоа не биле донесени решенија за престанок или намалување на гарантираната минимална помош, па биле исплатени уште околу 12.000 евра.
Но, ревизијата не открива проблем само во исплатите. ДЗР посочува и на лоши услови во дел од центрите за социјална работа, што се гледа и од фотографиите објавени во соопштението. Во службите за парична помош на МЦСР Скопје, дел од службите биле сместени во бараки со лоши услови за работа, а документацијата се чувала по ходници и канцеларии, во картонски кутии и регистратори, без соодветна заштита.


Според ревизорите, ваквото чување на документацијата создава ризик од оштетување, губење или уништување на документите, но и недостоинствени услови за работа и прием на граѓаните.
Проблем има и со враќањето на неосновано исплатените средства. Министерството немало јасни упатства и процедури за склучување и следење на спогодбите за враќање на парите, па центрите за социјална работа различно ги утврдувале роковите, бројот и висината на ратите.
Најголем дел од центрите немале уредна евиденција за побарувањата и наплатата. Во пракса, според ревизијата, овие пари тешко се наплатуваат, бидејќи примањата од социјална заштита се изземени од извршување. Така, корисниците по одреден период повторно можат да остварат право на социјална помош, додека долговите остануваат ненаплатени.
Во 2024 година за права од социјална заштита биле исплатени околу 162,1 милиони евра за просечно 113.666 корисници. Исплатите од 2022 до 2024 година пораснале за околу 30 проценти.
