Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пензионер поставен за нов директор на РЕК Битола, разрешен е Тони Петрушевски

Пензионер поставен за нов директор на РЕК Битола, разрешен е Тони Петрушевски

Пензионерот Иван Куковски е поставен за нов директор на РЕК Битола, најголемата термоелектрана во земјата, а истовремено Тони Петрушевски е разрешен од оваа позиција. Промената е извршена пред два дена.

Петрушевски беше назначен од ЕСМ за нов директор на РЕК Битола со промената на власта во 2024. На оваа позиција дојде од приватниот сектор како дипломиран машински инженер и важеше за прв скопјанец кој некогаш бил на чело на термоелектраната. Информациите велат дека Петрушевски ќе остане во компанијата, но како помошник во кабинетот на генералниот директор на ЕСМ, Лазо Узунчев.

Во јануари Управниот одбор на АД ЕСМ донесе одлука за времено именување координатори во двата клучни енергетски капацитети во државата. За координатори со целосни овластувања за раководење со комбинатите се именувани Иван Куковски во РЕК „Битола“ и Владимир Пејоски во РЕК „Осломеј“. Од ЕСМ тогаш соопштија дека ваквите мерки се преземени „во насока на динамизирање на инвестициските планови и интензивирање на активностите за обезбедување стабилно производство на електрична енергија во зимскиот период“.

Новиот директор на РЕК „Битола“, Куковски, е пензионер, а од подружницата на ЕСМ претходно рекоа дека е вратен на работа согласно позитивните законски прописи и дека станува збор за ангажман од времен карактер.  По информацијата од АД ЕСМ за времена управа во двата комбинати РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, од таму уверуваа дека доаѓањето на времените управници не подразбира кадровски промени на раководните лица во електраните.

Додадоа дека Куковски е ангажиран повторно како истакнат стручен кадар со исклучителен придонес во работата на компанијата и потврден професионалец кој изминатите децении оставил траен белег во развојот на македонскиот електроенергетски сектор. Во неговата кариера тој извршувал високи и одговорни функции, меѓу кои и во ХЕС „Маврово“, како директор на производство во АД ЕЛЕМ до 2017, а до јуни 2025 ја извршуваше и функцијата претседател на Надзорниот одбор на АД ЕСМ.

Тогаш стручњаците рекоа дека поставување времен управител покажува дека РЕК „Битола“ е во тешка ситуација. Тие сметаат дека намаленото производство во однос на ископ на јаглен и производството на електрична енергија доведуваат до непријатни состојби во енергетскиот систем, а со тоа и генерално до неповолни економски и финансиски состојби за Македонија.

А.К.

Слично

Поврзани вести