Пендаровски: Во предизборната кампања да не се споменува иселувањето на младите
Македонскиот претседател Стево Пендаровски ги повика политичките партии пред вонредните парламентарни избори во својата кампања да не го злоупотребуваат моментот со масовното иселување на младите од земјата бидејќи, како што вели шефот на државата, ниту една од нив нема да добие политички поени на таа тема.
- Сите партии до сега во последните 30 години се одговорни за тоа. И јас пред 15 години би си заминал кога би знаел дека до 2020 се уште нема да водиме преговори со ЕУ и дека зачленувањето ќе станува се потешко и потешко, рече Пендаровски на денешната панел дискусија на тема „Како да се вратиме дома?“
Според претседателот, делумно тоа се должи и на големата партизираност на општеството во Македонија. Добиваат предност оние кои биле политички активни, а не подобри во знаењето.
- Во едно истражување во кое учествував во 2004 дојдовме до бројка дека 336.000 граѓани се членови на некоја партија. Тоа беше најголем процент пер-капита во Европа. Сега е уште повеќе, наведе Пендаровски.
