„Пекабеско“ од продажба на сувомеснато прави 6,7 милиони евра месечно
Компанијата која е синоним за барани македонски месни преработки во последно време беше изложена на гнев и потсмев во јавноста заради алчноста на најголемиот акционер и директор Слободан Кутревски кој сам на себе си подели награда од 1,15 милиони евра, а на акционерите не им даде ниту денар дивиденда. И покрај тие реакции продажбата на неговите производи постојано расте, извозот пораснал за 12 отсто
Најголемиот македонски производител на сувомесни производи и месни преработки за девет месеци годинава на домашниот пазар продал стоки вредни 50 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од финансиските извештаи на оваа компанија. Вкупните приходи на компанијата надминаа 60 милиони евра, а продажбата на домашниот пазар достигна 50 милиони евра за 9 месеци. Вкупните приходи на „Пекабеско“ во споредба со истиот период лани годинава пораснаа за 6 отсто, а продажбата дома порасна за 5 отсто во споредба со првите девет месеци лани.
Од билансот е евидентно дека не само приходите во овој период значајно пораснале и залихите на компанијата и тоа за 100 отсто во споредба со истиот период лани. Во споредба пак со почетокот на годинава залихите на „Пекабеско“ се поголеми за 90 отсто.
И понатаму најголем трошок на компанијата е набавната вредност на трговските стоки со повеќе од 41 милиони евра. Трошоците за суровини се 11,4 милиони евра, а за вработените досега се издвоени 3 милиони евра што е за 20 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Оперативната добивка надминува 2 милиони евра и тоа е на исто ниво од лани. Нето добивката е за 3 отсто повисока од истиот период лани и изнесува 1,73 милиони евра.
Како работеше „Пекабеско“ во првите шест месеци?Најголемата домашна индустрија за месни преработки и сувомесни производи „Пекабеско“ направи 36,9 милиони евра приход од продажба за првите шест месеци годинава и тоа е за 4 отсто подобар резултат од лани. Податоците покажуваат дека компанијата за првите шест месеци на домашниот пазар продала производи за 1,15 милиони евра повеќе од истиот период лани и продажбата дома достигнала 32,4 милиони евра. Извозот достигнал 4,5 милиони евра и во споредба со истиот период лани пораснал за 8 отсто.
„Пекабеско“ неодамна беше актуелен по скандалозната одлука на најголемиот поединечен акционер Слободан Кутревски сам на себе (како директор н.з.) да си додели награда од над 1 милион евра и да не подели ниту денар дивиденда на другите акционери во компанијата. Освен реакциите на инвеститорската јавнсот осуда за гестот на Кутревски дојде и од Комисијата за хартии од вредност од каде излегоа со став дека Кутревски требало да се изземе од гласањето за неговата награда и дека малите акционери се оштетени и дека треба да тужат.
Р.Ф.
