Пецовски во „Бизнис Муабети“: „Реплек“ секоја година одвојува 10 отсто од добивката како награда за вработените
Генералниот директор и акцинер во „Реплек“, Душан Пецовски, во поткастот „Бизнис Муабети“ вели дека дивидендата на оваа фармацевтска компанија е предвидлива и дека секоја година 10 отсто од нето добивката се распределува како бонус награда за 430-те вработени.
- Имаме 430 вработени и 31 милиони евра приходи во 2024, а од тоа 23 милиони се од странскиот пазар. 3,5 милиони евра ќе изнесува нето добивката за минатата година. Ние сме во циклус на динамично и агресивно инвестирање, а 10 проценти од нето добивката ја распределуваме доброволно како награда за своите вработени. Им даваме директно учество во добивката, вели претседателот на Управниот одбор на „Реплек“
Пецовски заедно со новото раководство го предводи „Реплек“ од пред три години, по долгогодишното менаџирање од страна на семејството Туџарови. Вели дека од тогаш двојно се зголемени приходите на компанијата.
- Сметавме дека е потреба да се случи промена на раководството, за започнат позитивни процеси во компанијата. Во изминатите три години Реплек доживеа ренесанса со рекордни инвестиции, раст на продажќбата, отворање на нови работини места. Компанијата се разбуди. Таа си има свои вредности и успеси во минатото, но Реплек заслужуваше и можеше повеќе.
Сакавме успешна македонска приказна и Реплек да си го добие своето место во Македонија и надвор од неа. Внатре имаше колеги кои сакаа да покажат дека македонската фармацевтска индустрија може да биде подобра од странците. Присутни сме во 25 земји, извезуваме во различни региони во светот - но пробивот е многу тежок ако немате изграден бренд, ако доаѓате од земја што не е членка на ЕУ а при тоа компанијата ја изградила својата фабрика во 2001, рече Пецовски.
Тој пред 14 години дошол во „Реплек“ од Австрија каде што работел во банкарскиот сектор. Вели дека е дипломиран економист, но и дипломиран компјутерски инженер. Неговата визија кога станува збор за „Реплек“ е најмногу за инвестиции да се вложува во дигитализацијата.
Пецовски вели дека на домашниот пазар најпродаван производ е „вентор гел“, додека во странство најмногу се продаваат „ибупрофен“ и „парацетамол“.
Реплек во Ирек е меѓу трите најзастапени фармацевтски компании, а добри позиции има на пазарите во Србија, БИХ, во поранешните републики на СССР и во Виетнам.
