ПАЗАРОТ СО ПОЛОВНИ АВТОМОБИЛИ СЕ ВРАЌА ВО ИГРА - за два месеци годинава увезени 4.500 стари коли
Ако лани се стопи увозот на половни возила, главно поради новиот данок што беше воведен на стартот на годината, но и поради корона кризата, од почетокот на оваа 2021 година како да се враќа во игра увозот на користени патнички автомобили.
Бројките на Царинската управа на Македонија говорат дека трендот на засилување на увозот почнал уште во јануари годинава, кога во земјава влегле 1.660 употребувани автомобили, наспроти јануари лани кога границата на државава ја преминале 1.224 употребувани возила.
Но, увозот на стари автомобили уште повеќе се засилил во февруари, за кога е и последниот достапен податок на Царината. Па така, во вториот месец од годинава, во земјава влегле 2.825 стари коли, наспроти 1.950 возила кои тука „допатувале“ во февруари оваа година.
За разлика од увозот на половни возила, пак, кој расте од стартот на годинава, се намалува купувањето на нови автомобили. Па така, ако во јануари и февруари лани биле увезени по 404 и 570 „ганц“ патнички автомобили, во првите два месеци од годинава тој број се намалил на 364 и 453 нови автомобили соодветно.
Ако се земе збир, ќе се види дека во првите два месеци од годинава се увезени во земјава 4.485 стари коли, или близу 4.500 автомобили.
Или гледано вкупно, податоците на Царинската управа говорат дека во јануари и февруари годинава во земјава биле увезени 5.851 автомобили, наспроти истиот период лани, кога во земјава влегле вкупно 4.617 патнички возила, што значи дека имаме генерален пораст.
А како што веќе пишуваше Фактор, лани драстично се намали бројот на увезени половни возила во споредба со претходната година. Или, минатата година во земјава биле увезени вкупно 23.880 употребувани автомобили, што е за точно 14.700 вакви возила помалку во однос на 2019 година.
Главната причина за тоа е што на стартот на ланската година почна да важи новиот Закон за данок на моторни возила, со кој треба да платат повеќе оние чии возила повеќе ја загадуваат животната средина, односно постарите. Тоа беше причина токму во 2019 година граѓаните да навалат на купување половни автомобили, особено во декември кога за само еден месец во земјава се внесоа 5.256 употребувани автомобили. Што значи дека тие што имаа намера да се „подноват“ со користено возило тоа главно го завршија во 2019 година.
Данокот кој лани стапи на сила придонесе одредени возила што имаат повисоки еколошки стандарди дури и да станат поисплатливи, наспроти оние што повеќе загадуваат, чија цена порасна.
Сепак, познавачите говорат дека во принцип сега паѓаат цените на употребуваните возила и на европскиот пазар, особено оние кои возат на дизел, кој се повеќе се забранува во Европа, па граѓаните во западните земји сакаат да се ослободат од тие нивни автомобили и затоа ги намалуваат цените.
Инаку, 2020 година не била лоша само за половните,туку и за новите возила. Па така, ако во 2019 се увезле 6.341 нов автомобил, тој број во минатата 2020 година се намалил на 5.172 увезени нови коли.Сепак, ако се знае дека во претходните 365 дена добар дел помнавме во карантини, полициски часови и затворени граници, како и затворени молови и објекти, оваа бројка од 5.172 набавени нови автомобли и не е така лоша. Иако, треба да се има предвид дека нови возила главно купуваат државните институции и органи од земјава, а не толку граѓаните, освен оние со повисоки приходи.
А во првите два месеци од годинава, ако на некоја индустија во Европа и одело лошо, тоа е токму автомобилската индустрија. Корона кризата неумоливо силно го погоди овој сектор. Закрепнувањето што се очекуваше за овој период, сега е речиси непостоечко.
Статистичките податоци говорат дека во февруари годинава регистрациите на нови патнички автомобили во Европската унија, што всушност ги означува продажбите на нови возила, се намалиле за една петтина, односно за дури 19,3 проценти. Една од главните причини за ова е што рестриктивните мерки поради ковид пандемијата во речиси сите држави, и тоа како силно се одразуваат на побарувачката.
Или, со регистрирани 771.486 единици низ целиот регион на ЕУ, ова е најнискиот февруари, забележан од 2013 година. Најтешко беше погодена Шпанија, со продажба речиси преполовена во првите два месеци од годинава, односно падот таму изнесува 44,6 отсто во споредба со истиот тајминг минатата година, потоа следува Германија со пад на продажбата од 25,1 отсто, Франција со пад од 14,2 проценти, и Италија, со пад од 13,1 отсто.
А она што загрижува е што и во март годинава рестриктивните мерки продолжија, што значи дека бројките и за овој месец ќе бидат лоши. Исто така, многу европски држави најавија дека рестрикциите ќе продолжат и до Велигден, што значи дека и април се очекува да биде месец на ограничувања, а со тоа и на намалена продажба.
Од друга страна, има уште еден голем проблем со кој се соочуваат светските и европските производители на автомобили, а тоа е недостигот од микрочипови кои се вградуваат во автомобилите.
Н.Н.Ф.
