ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ „ЛУШТИ“ ЗА ДОЦНЕЊЕ СО ПЛАЌАЊЕТО КОН ПАРТНЕРИТЕ, но фирмите и натаму се „утепуваат“ од должење
Државниот пазарен инспекторат упорно казнува, а фирмите упорно не плаќаат редовно и секој секому должи колку што може повеќе.
Односно, според извештајот на ДПИ за октомври оваа година, најголем број од решенијата кои ги донеле пазарните инспектори, но и од казните што биле платени, се однесуваат токму на непочитување на Законот за финансиска дисциплина.
Исто беше и во првата половина од оваа година, кога, како што веќе пишуваше Фактор, фирмите во земјава заработиле казни од вкупно еден милион евра, токму поради неплаќањето навреме, односно поради непочитување на Законот за финансиска дисциплина.
Сега, пак, ДПИ повторно најмногу лови и уловува неправилниости поврзани токму со ненавременото плаќање на обврските меѓу деловните партнери од приватниот сектор.
„Државниот пазарен инспекторат во периодот од 29 август до 25 септември 2022 година има извршено вкупно 1.811 инспекциски надзори на целата територија на Македонија“, се вели во соопштението од Пазарна инспекција.
Во него се наведува дека од 29 август до 4 септември од страна на Државниот пазарен инспекторат донесени се 84 решенија, од кои 66 решенија по Законот за финансиска дисциплина, едно по Законот за инспекциски надзор и шест по Законот за заштита на потрошувачите, пет по Законот за трговија, две по Законот за занаетчиска дејност и по едно решение по Законот за угостителска дејност, туристичка дејност, Законот за индустриска сопственост и Законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност.
Во тој период биле поднесени 22 барања за поведување прекршочни постапки и издадени се вкупно 50 прекршочни платни налози.
Во периодот, пак, од 5 септември до 11 истиот месец, донесени се 58 решенија, од кои повторно најголемиот број, односно дури 48, повторно се однесуваат на Законорт за финансиска дисципшлина, а дугите 10 се по други основи. И тука фирмите непочитувачи на овој закон заработиле голем број казни, односно прекршочни платни налози.
Следува периодот од 12 до 18 октомври, во кој од вкупно донесени 128 решенија, дури 92 се по Законот за финансиска дисциплина, додека, пак, во временскиот тајминг меѓу 19 до 25 октомври, од вкупно 110 решенија кои ги донеле пазарните инспектори за разни неправилност, дури 65 се однесувале на непочитување на Законот за финансиска дисциплина.
Инаку, Фактор веќе пишуваше дека и покрај Законот за финансиска дисциплина, многу од компаниите во земјава и натаму „милуваат“ да должат и да не ги плаќаат навреме своите обврски кон деловните партнери. Во првото полугодие од годинава фирмите од земјава заработиле казни од над еден милион евра или конкретно 62,6 милиони денари поради тоа што ненавремено ги плаќале своите обврски кон добавувачите или другите деловни соработници.
Тоа го покажа извештајот на Државниот пазарен инспекторат за првите шест месеци од 2022 година. Но, тоа не значи дека фирмите должници си ги платиле казните. Или, како што покажуваат бројките на ДПИ, по основ на Законот за финансиска дисциплина се наплатени само седум прекршочни платни налози, на сума од само 52 илјади денари, или нецели илјада евра.
Инаку, Законот за финансиска дисдциплина предвидува приватните фирми да не смеат да доцнат со плаќањето повеќе од два месеци.
По исклучок, во деловната трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор може да се договори рок подолг од 60 дена, но не подолг од 120 дена, доколку постои изречна писмена согласност од двете страни и под услов тоа да не е значително нефер кон доверителот, стоеше во законот.
За јавниот сектор, пак, е дозволено поголемо доцнење, но неодамна од Владата предложија измени на Законот за финансиска дисциплина, со кои тој станува поригорозен, но за институциите од јавниот сектор, а роковите за плаќањето меѓу себе на компаниите од приватниот сектор, останува исто.
Инаку, глобата е 10.000 евра за прекршок на економски оператор од приватниот сектор - трговско друштво, трговец поединец и правно лице кое врши профитна дејност и е регистрирано согласно со закон, доколку не ја исполни паричната обврска во утврдените рокови. А глоба во износ од 30 отсто ќе му се изрече на одговорното лице во трговско друштво.
Н.Н.Ф.
