Пазарите ќе се модернизираат за да не им бегаат купувачите
Во последните неколку години зелените пазари имаат пад на продажбата од околу 20%, и затоа работат на модернизација и воведување нови содржини.
Најголеми конкуренти на пазарите им се големите маркети кои нудат овошје и зеленчук. Падот на продажбата не е проблем само во земјава, туку е тренд секаде во регионот.
„Во многу градови низ Македонија, вклучително и Скопје, во фаза е реконструкција, обнова, па дури и изградба на нови пазари. Пазарите имаат идеи, нудат решенија и проекти, но модернизацијата е комплексен процес“ - вели Даниела Михајловска Василевска од Комората.
Зборувајќи за посетата на пазарите во Хрватска и БиХ во рамки на која заеднички беа согледани состојбите, Михајловска Василевска кажа дека заклучокот е нужно осовременување и следење на новите трендови согласно желбите на потрошувачите и динамичниот начин на живеење.
Во Македонија има 15.000 до 20.000 закупци на тезги, а над 10.000 семејства живеат од тргувањето на зелените пазари. За оваа дејност нема стратегија преку која, како што велат од Стопанската комора, би се потврдила важноста на пазарите за локалниот економски развој.
