Пазарџиите не се откажуваат, Богдановиќ вели дека цената на билетот е само изговор
Утринава протестите продолжија четврт ден по ред со блокирање на улицата „Кирил и Методиј“ во центарот на Скопје, каде околу 40 граѓани кои работат на Зелениот пазар веќе го започнаа протестот со блокирање на сообраќајот на овој пат со барање да се намалат цените на паркингот во Општина Центар.
Инаку, општината Центар, пред неколку дена воведе рестриктивни мерки на паркиралиштето кај „Аутомакедонија“ и зголеми цената на паркирањето, што предизвика револт на закупците на тезгите, затоа што според нив, тоа ќе влијае на нивната работа, имено намалувањето на дневниот сообраќај у промет.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, утринава истовремено рече дека поскапената цена на паркингот е само изговор на пазарџиите и дека на Зелен пазар владеело хаос што ја принудило општината да воведе ред.
„Менувањето на ценовната политика е само изговор за овие протести. Пред неколку месеци започнавме акција со комуналните инспектори околу злоупотребата на пракинг места на „дивите“ продавачи. Дел од инцијативите ни имаат стасано и од самите продавачи. Тој див пазар мора да се расчисти. Мора да се сузбие нелегалната трговија и конкуренција. Тоа место од градот стана јавен тоалет. Ќе завршат со продажбата и картоните ги расфрлаат по влезовите. Граѓаните и жителите сами го бараат тоа расчистување“, рече Богдановиќ.
