Павлопулос: Македонија не заслужува да биде дел од ЕУ и НАТО!
Претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос денеска остро ги осуди инцидентите на грчко-македонската граница и оцени дека со насилните односи кон бегалците Македонија покажала дека не заслужува да биде членка на НАТО и ЕУ.
Павлопулос на состанокот со португалскиот премиер Антонијо Косто рекол дека членките на ЕУ кон бегалците мора да се однесуваат хумано и солидарно, бидејќи таа криза во моментов е најкритичен и егзистенцијален проблем на Унијата.
„Ако нема солидарност за бегалците тогаш ЕУ ќе се врати многу чекори назад на сите полиња во кој направила напредок“, рекол претседателот на нашиот јужен сосед.
Македонската полиција вчера употреби солзавец и шок бомби кога поголеми групи мигранти од Идомени се обидоа да ја уништат заштитната ограда на границата и на сила да преминат во Македонија. Мигрантите ко полцијата и војската фрлале камења и други тврди предмети.
Канцеларијата за врски на Грција во Македонија денеска испорача два демарша на македонските власти, поради, како што е наведено, „неприфатливата епизода која се случи во Идомени“.
Според МВР, во нередите на границата со Грција кај привремениот премин кај Гевгелија учествувале околу 3000 мигранти, додека грчки полициски службеници воопшто не реагирале ниту интервенирале во спречување на нередите на граничната линија со Македонија.
Во судирите со мигрантите кои се обидоа да влезат во Македонија се повредени 14 полицајци и девет војници, а оштетени се и три возила на полицијата, пет возила на војската и поголем број на штитови и друга опрема.
Според наводите пак на странските медиуми, поради повреди здобиени во судирот со македонската полција 10 мигранти се хоспитализирани, додека според податоци од грчките власти и невладини организации скоро 300 лица биле згрижени поради последиците од солзавец и други повреди.
Во Идомени се наоѓаат уште околу 11 000 мигранти, кои, иако „балканската рута“ е затворена пред неколку недели, се надеваат дека границата повторно ќе биде отворена и дека ќе може да го продолжат патот кон богатите земји на Европската унија.
