Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПАВЛЕ БОГОЕВСКИ: ВМРО ДПМНЕ пак ќе го блокира договорот, СДСМ треба да остане блиску до граѓаните!

ПАВЛЕ БОГОЕВСКИ: ВМРО ДПМНЕ пак ќе го блокира договорот, СДСМ треба да остане блиску до граѓаните!
“Повеќе од очигледно е дека се додека луѓето кои сториле тешки кривични дела поврзани со изборни измами се уште учествуваат во политичките процеси и се на слобода, не може да бидеме сигурни во изборниот процес. Но поентата на договореното е да ја ограничи можноста на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ уште еднаш да ги украдат изборите и правото на избор на граѓаните на оваа држава. На крајот, дали ќе имаме навистина фер, слободни и демократски избори зависи само од нас и од никој друг”- вели за Фактор, Павле Богоевски,еден од најгласните  активисти на Шарената револуција. Според него нема сомнеж дека ВМРО-ДПМНЕ  ќе ги искористи сите средства за да го блокира процесот,  бидејќи како што вели ним не им одговараат избори, ниту оваа, ниту наредната година. Оттука, граѓанското обединување и  заедништво, шарената посветеност кон  заедничката цел ќе биде ставена пред најтешкиот тест. “Без разлика што ќе договорат четирите најголеми партии, без разлика што ќе каже меѓународната заедница, сите сложно мора да им кажеме на криминалците дека повеќе не се плашиме и дека нема да им дозволиме да продолжат да ја држат нашата држава и иднина во заложништво. Во спротивно, не можеме да говориме ниту за слободни граѓани, а не пак за слободни избори.Четирите најголеми политички партии повторно се договорија зад затворени врати и поради тоа, широката јавност повторно нема целосна доверба во процесот. Затоа, до 31-ви Август, од клучно значење е сите четири парти, а посебно СДСМ да се посветат на зајакнување на довербата на граѓаните во преговорите и во нивните напори да се создадат услови за вистински фер, слободни и демократски избори”- вели Богоевски. При спроведувањето на кои било реформи, според него од клучно значење е тоа да не биде направено на брз и површен начин. Поради тоа, смета дека избори треба да има што е можно поскоро, но истовремено мора да бидат исполнети и условите кои ќе ги гарантираат минималните демократски стандарди. “Истовремено, факт е дека не можат да се спроведат ниту едни суштински реформи се додека ова злосторничко здружение се уште управува со државата. Избори треба да има што е можно поскоро, но истовремено мора да бидат исполнети и условите кои ќе ги гарантираат минималните демократски стандарди.Не можам да говорам во име на Шарената Револуција, но сметам дека моменталното незадоволство кај дел од општата јавност ќе придонесе кон зајакнување на демократичноста на нашата револуција, ќе ги упати критиките на вистинското место и ќе придонесе сите да научиме од претходните искуства и грешки. Шарената Револуција и граѓанското општество во целина, мора будно да ја следи имплементацијата и да ги искористи сите механизми на ненасилно изразување на греаѓанскиот револт кои им стојат на располагање, за да ги спречи ДПМНЕ и ДУИ уште еднаш да ги блокираат сите обиди за институционално и ненасилно надминување на оваа криза”-додава Богоевски. 13466211_10209122210513563_440198384583372062_n Надлежностите во Министерството за внатрешни работи кои беа камен на сопнување во преговорите се сериозен предизвик за идниот министер од редовите на опозицијата, бидејќи покрај  силните опструкции ќе  мора да спречи злоупотреба на капацитетите и нови притисоци. “Очекувам дека Министерот во преодната Влада повторно ќе се сретне со истите опструкции со кои се соочи и Оливер Спасовски минатиот пат кога беше формирана техничката Влада. МВР со години е под контрола на одлично организирана криминална структура која неретко ги става полициските капацитети во функција на своите криминални активности и заштитата на својата власт. Поради тоа, ние не можеме да очекуваме никакви суштински промени во функционирањето на полицијата кои би се случиле во 100 дневниот мандат на техничкиот Министер. Посебно во услови кога Груевски и Ахмети се уште управуваат со централната власт (без разлика што Груевски не е повеќе формално на чело на Владата). Но, техничкиот Министер може и мора да спречи злоупотреба на капацитетите и нови притисоци, закани и физички пресметки преку капацитетите и персоналот на Министерството”- додава граѓанскиот  активист. Специјалното судско одделение кое  не беше  дел од пакетот во овие партиски  преговори вели остава отворен терен за опструкции врз работата на Специјалното јавно обвинителство. Затоа додава Богоевски, формирањето на специјалното одделение во Кривичниот суд останува едно од суштинските барања на Шарената Револуција. “Теренот за опструкции врз работата на СЈО отсекогаш постоел и ќе постои. Доколку тоа не биде преку судството и МВР, сигурен сум дека злосторничкото здружение ќе најде други начини да го стори тоа. Без разлика, Јас не би губел надеж се уште дека ова одделение ќе се формира навремено за да овозможи независност на работата на СЈО. Причината за тоа ја гледам во се посилниот и погласниот домашен и меѓународен притисок кон реализацијата на ова барање. Треба да имаме предвид дека тоа е комплициран процес кој не може и не треба да биде завршен преку ноќ”-  нагласува Богоевски. Во меѓувреме власта најавува нови вработувања во полицијата, зголемување на  пензиите и социјалната помош. Овие мерки  со кои постои опасност од предизборна корупција според него се познато сценарио во трката за гласови, што е дополнителен мотив овие избори да не станат како што вели “сува” битка  за власт. “Мислам дека не постои човек во оваа држава, без разлика какво политичко уверување има, кој верува дека ДПМНЕ и ДУИ нема да се обидат да си купат уште едни избори, па дури и повторно да ги украдат. Дури и да немаше нови вработувања во полицијата и да немаше зголемување на платите и пензиите, тие ако треба и на рака ќе им плаќаат на гласачите само за да победат на изборите, да останат на власт и да се спасат од затворките казни кои им висат над главите. Поради тоа, ова не смеат да бидат обични избори. Ова не смее да биде битка за власт, ова мора да биде суштинска битка за вредности. Како граѓани или сме со режимот, или сме со Македонија. Бидејќи двете не можат да опстанат заедно”- порачува активистот на Шарената револуција, Павле Богоевски. С.Б
Слично

Поврзани вести