Пасоши незаконски се издавале и во македонските амбасади?
На денешниот протест против „партизацијата на дипломатијата" , од Синдикатот на дипломатските службеници, изразија сериозно сомневање дека во македонските амбасади се издаваат пасоши на дијаспората во непознат број, кои може да се злоупотребуваат на избори.
Претседателот на синдикатот во МНР, Сашко Тодоровски укажува дека меѓу другите проблеми имало и барања за делење пасоши надвор од амбасадите.
„Само професионална, а тоа значи и неутрална, дипломатија може во најголема мера да ги попречи евентуалните злоупотреби на гласовите на дијаспората. Наспроти тоа, партиска дипломатија е само фикција – се работи за партиски алали во функција на злоупотреба или тешка манипулација на гласовите од дијаспората. Во секој случај, се оставаат огромни сомнежи поради кои не можеме и нема да можеме да кажеме дека се работи за демократски, фер и слободни избори"- рече Тодоровски.
Министерот Никола Попоски пак, ги отфли нивните тврдења за незаконското издавање пасоши во амбасадите.
Покрај ова, претставниците на Синдикатот, велат дека Министерството е целосно деградирано преку партиско преземање и вршење на надворешно-политички активности.
Тие потенцираат дека раководството на МНР веќе неколку години се однесува недолично, некооперативно и игнорантски на реакциите и барањата на Синдикатот на македонската дипломатска служба.
Од Синдикатот на македонската диплотска служба велат дека ова е предупредувачки протест пред Министерството за надворешни работи да укажат дека е потребен професионализам во “деградираното“ МНР.
