Економија, финансии, бизнис

Контакт

Партиски препукувања за судбината на стечајците и војниците

Партиски препукувања за судбината на стечајците и војниците
Одлуките за решавање на статусот на стечајните работници и на професионалните војници се задоцнети и претставуваат предизборен маркетинг на власта, смета опозициската СДСМ. Според партијата, предложеното законско решение за стечајците не е целосно и нема да ги реши  проблемите на сите стечајни работници. Најавуваат амандмани во текот на собраниската расправа.

„Се надевам дека намерата на Владата е искрена и дека ќе соработува со нас. Ние не замеруваме што после пет години конечно се сетија да го решат проблемот, иако петпати поднесувавме закон за стечајни работници. Сега нека бидат доблесни и нека прифатат амандмани кои ќе ги поднесе пратеничката група на СДСМ и конечно да го затвориме проблемот со стечајните работници и да го затвориме прашањето на социјалната компонента на неправедната приватизација“, рече Маријанчо Николов, пратеник од СДСМ.

Во однос на одлуката за професионалните војници, социјалдемократите сметаат дека усвоената мерка е само признание од Владата дека овој проблем постои. Од партијата велат дека истата мерка тие ја предложиле во изборната програма од 2011-та година и во последниот пакет мерки од новата програма. Од ВМРО ДПМНЕ се разочарани што опозицијата не ги поздравува двете мерки со кои се решаваат егзитенцијални прашања за околу 7000 граѓани - стечајни работници и професионални војници. „ Тие не собраа храброст да ги поздрават овие мерки со кои што директно им се помага на голем број на граѓани на Република Македонија. Тие се единствената партија во светот која што зајадливо напаѓа мерки кои што се во интерес на граѓаните на Република Македонија. Впрочем, СДСМ е партија која што во изминатиов период многу зборувала, а ништо не направила во интерес на граѓаните кога ја имала таа можност“, нагласи Влатко Ѓорчев, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.

Тој вели дека СДСМ ниту еднаш не поздравила и не поддржала ниту една друга мерка во интерес на граѓаните спроведена од Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ.

Слично

Поврзани вести