Економија, финансии, бизнис

Контакт

Партиски препукувања за имотите на Мијалков и тендерите на Заев

Партиски препукувања за имотите на Мијалков и тендерите на Заев
СДСМ прашува како првиот полицаец Сашо Мијалков, не ја пријавил во својот имотен лист фирмата купена во Чешка. Од ВМРО ДПМНЕ реагираат:  Мијалков одговори детално и прецизно. На прес конференција  портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов посочи дека за нив е спорно што директорот на УБК, Сашо Мијалков, не ја пријавил во својот имотен лист фирмата купена во Чешка бидејќи основачкиот удел бил помал од износот во висина од над 20 просечни плати. „Наместо да го брани, Антикорупциската комисија треба да утврди дали пред 7 месеци, во април, кога Мијалков ја купил фирмата во Чешка, просечната нето плата во РМ била 20.983 денари? Ако е така, тоа значи дека лимитот за пријавување промена на имот од 20 плати изнесувал 6.823 евра. Уделот на Мијалков во фирмата што ја купил е за 1000 евра поголем. Значи Мијалков имал обврска да ја пријави купената фирма во Чешка“, забележа Шилегов. За СДСМ е спорно и тоа што Антикорупциска посочила дека имотот на Мијалков во странство, не бил предмет на разгледување бидејќи подлежел на тамошните закони, а нејасно е правдањето со техничката грешка кога Мијалков ја пресметувал сумата на накитот што го поседува. „На 6 ноември, само 6 дена подоцна, кога Антикорупциската комисија побара тој да го ажурира неговиот анкетен лист, Сашо Мијалков наведува дека утврдил оти направил технички пропусти, бидејќи промена имало и во графата Друг имот, каде ги корегирал податоците од евра во денари и, повторно внимавајте, ненамерно додал, како што вели, една нула повеќе во колоната денари. Значи, каде е „ненамерно“ додадена нулата, кај еврата или кај денарите“, посочи Шилегов. Од ВМРО-ДПМНЕ реагира на обвинувањата и посочија дека Мијалков одговорил детално и прецизно за како што стои во соопштението, сите лажни обвинувања на СДСМ. „Со оваа тема која СДСМ се обидува да ја наметне, иако веќе сите надлежни институции се произнесоа за неа и ги потврдија податоците кои г-нот Мијалков ги изнесе, покажува дека иако ги знаат податоците тие продолжуваат агресивно да напаѓаат мислејќи дека може да ја манипулираат јавноста. Веќе е одговорено на сите прашања кои СДСМ ги поставува, а дополнително за овој случај се произнесоа и сите надлежни државни институции, па затоа немаме намера да дискутираме за прашања кои се одговорени пред јавноста. Но затоа пак имаме намера да дебатираме на темите кои се отворија, а на кои СДСМ упорно одбегнува да даде одговор“, стои во соопштението од владејачката партија од каде прашуваат како е возможно Општина Струмица да и додели 12 јавни набавки на фирмата Пелагонија во која најголем акционер е Трајче Заев, првиот братучед на Зоран Заев. „Разликата е видлива. Ние за разлика од СДСМ даваме одговори на сите прашања кои ни ги поставуваат, а СДСМ упорно бега да одговори на скандалите во кои се вплетени нивните највисоки функционери“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ пак вратија дека и покрај постојани контроли и закани  врз Зоран Заев и неговото семејство, властите не успеаја да констатираат ниту еден единствен случај на незаконито работење во општина Струмица.
Слично

Поврзани вести