Партиски препукувања: Развоен или расипнички буџет
СДСМ повика пратениците да не ја прифатат завршната сметка за буџетот за 2012 година и да престанат задолжувањата. Од ВМРО ДПМНЕ реагираат дека СДСМ се против покачување и покачувањата на платите и пензиите.
„Завршната сметка за буџетот за 2012 година веќе е задоцнета речиси 3 месеци. Тоа претставува прекршување на законот. Заради избегнување на ваквата практика во иднина, а во услови на целосно отсуство на политичка и морална одговорност од страна на оваа влада, СДСМ го повторува ставот за потребата од кривично санкционирање на ова дело во иднина“, побара на прес конференција, Ванчо Узунов потпретседател на СДСМ.
Узунов вели дека податоците објавени на сајтот на Министерството за финансии покажуваат буџетскиот дефицит во 2012 година е поголем од дозволениот за над 90 милиони евра, а долгот е како што истакна, направен без дозвола од Собранието. Според Узунов, за ребалансот на буџетот за 2013 година, е добро е што Владата ја послуша опозицијата која тоа го побара уште пред 3 месеци.
Сепак, додава Узунов, ребалансот потврдува дека Владата нема намера да се откаже од своите намери за раскалашено трошење народни пари.
„Оваа политика на Владата единствено претставува продолжување на политиката на задолжување на државата. Затоа, СДСМ го повторува прашањето: Дали некој во оваа Влада воопшто има совест ? Свесни ли се дека задолжувањата, на долг рок, ја водат државата директно во финансиски колапс?“, праша Узунов.
Од Вмро Дпмне вратија дека во времето на СДСМ доцнеа пензиите, а сега опозицијата не сака нивно покачување и исплатата на покачувањата што според ВМРО ДПМНЕ ќе се постигне со ребалансот на Буџетот за 2013 година.
„Болката на СДСМ е што веќе втора година по ред Владата ќе обезбеди нови покачувања во Буџетот на пензиите за 5 проценти и тоа во време на европска економска криза, додека СДСМ во услови кога во светот се случуваше економски бум, не само што не ги покачи пензиите, туку доцнеше со истите. Истовремено Буџетот за 2014 година е развоен. Капиталните инвестиции и догодина се поголеми за 20 проценти. Затоа СДСМ воопшто не се ни одважи денови да го коментира Буџетот за 2014 година. Наместо тоа, шири лаги во јавноста дека во 2012 година се потрошени 90 милиони евра повеќе“, реагираат од владејачката партија.Оттаму ги негираа обвинувањата дека потрошиле повеќе средства од она што го одобрило Собранието, а уште еднаш нагласија дека Македонија е трета најниско задолжена земја во Европа.
Слично
