Економија, финансии, бизнис

Контакт

Партиски обвинувања, млаки донации: Трескавец изгоре, кој ќе ја плати штетата?

Партиски обвинувања, млаки донации: Трескавец изгоре, кој ќе ја плати штетата?
Доцна синоќа пожарот во манастирот Трескавец конечно беше изгаснат. Утрото ја откри стравотната слика од културно историскиот објект. Увидните екипи излегоа на терен. Конаците се целосно уништени, а благодарение на пожртвуваната интервенција на Прилепчани и на надлежните служби, спасена е црквата Успение на Пресвета Богородица од 13 век, како и најголем дел од вредните предмети, информираа од општина Прилеп. Ни манастирот Трескавец нема осигурување На денешната вонредна седница на Општината, советниците се договорија од локалниот буџет веднаш да издвојат еден милион денари или околу 16 илјади евра, кои пред сè ќе се искористат за расчистување на изгорените конаци на манастирот. За да се возобнови манастирот Трескавец, целото прилепско стопанство ќе ги стави сите финансиски и човечки ресурси на располагање, заклучи бизнис секторот на денешната седница на Економскиот совет на Прилеп. Со одлука на Владата денеска беше дадена и еднократна интервентна парична помош во износ од 615 илјади денари за санирање на првичните последици од пожарот.

Како што изјави попладнево владиниот портпарол Александар  Ѓорѓиев, Владата на денешната седница го задолжила Министерството за култура најдоцна за еден месец да изработи комплетен проект за реконструкција и рестарвација на целокупниот манастирски комплекс, односно деловите кои беа опожарени во пожарот.

„На Министерството за транспорт и врски и на Јавното претпријатие за државни патишта  им е наложено да се интензивира работата за изградба на патот кој води до манастирскиот комплекс Трескавец и очекуваме динамиката да биде засилена затоа што патот е потребен за вршење на градежните работи за реконструкција и реставрација на овој објект“, изјави Ѓорѓиев. Според портпаролот, откако ќе се направи проектот за реконструкција и проценат штетите, ќе се излезе со дополнителна финансиска поддршка за изведување на градежните работи и санирање на последиците од пожарот. Проблемот дополнително се усложнува поради фактот што манастирот Трескавец не е осигуран бидејќи нити една компанија не се нафаќа да преземе ризик за објекти кои имаат непроценливо висока вредност. Конаците кои изгореа, не се на листата објекти со важност како културно- историско наследство, зашто што се изградени во 1990-та година. На листата се наоѓала само црквата која успеа да се спаси од огнот, информираше Ѓорѓиев. СДСМ обвинува, властите негираат „Опожарувањето на манастирскиот комплекс Трескавец уште еднаш, во серијата немили настани во кои е уништено или загрозено културното богатство на земјата, покажува дека негрижата е системска и оти е производ на погрешните приоритети и несоодветните политики на актуелната власт, разоткривајќи ја нивната инфериорност да ја препознаат важноста на културното наследство и да овозможат соодветна заштита, согласно законските норми и пропишаните стандарди“, соопшти денеска Советот за култура на СДСМ. Според нив, надлежните државни и црковни институции не смееле грижата за културното наследство во македонските манастири да ја остават единствено на личната жртва на монасите, на домаќините и на другите лица што случајно ќе се затекнат во црковните конаци. Експресна реакција стигна од Министерството за култура. Оттаму побараа СДСМ да не прави маркетинг и да не користи еден немил настан за дневно-политички цели. Денешното соопштение за јавност на СДСМ за наводната континуирана негрижа за културното наследство е тенденциозно и е без никакви аргументи во согледувањето на фактите и состојбите во македонската култура, велат од Министерството. Инаку ова е трет пожар од 19 век па наваму во манастирот Трескавец. Претходно конаците гореа во 1867 година, а потоа целосно од пожар беа уништени во 1990 година. За нивна обнова тогаш помош се собираше во цела Македонија и дијаспората. Ј.Ј.
Слично

Поврзани вести