Партиски математики за враќање на ДДВ – колку пари ќе земе назад просечно семејство!?
Партиските математики околу опозициската мерката за враќање на ДДВ-то во џебот на граѓаните беа и денеска тема на дискусија меѓу двете најголеми македонски партии. Чија математика е точна, а кој греши се објаснуваше на прес конференции.
За СДСМ е симптоматична одбивноста на Владата на ВМРО ДПМНЕ за прифаќање на мерката за враќање на 15% од ДДВ кај граѓаните.
„Но, ова веќе се граничи со патологија. Според реакциите на Владата излегува дека во оваа држава никој, освен член на ВМРО ДПМНЕ, не може ниту да има, ниту да предложи било што издржано“, изјави потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов кој пресмета дека во буџетот од ДДВ годишно се собираат околу 45 милијарди денари, а даночното затајување се проценува на околу 35%.
Ако со нашата предлог мерка тоа затајување кај ДДВ-то се намали за две третини, вели Узунов, тогаш во буџетот ќе се собираат по околу 55 милијарди денари годишно по основ на ДДВ. А 15% од тоа изнесува околу 8 милијарди денари, односно, околу 130 милиони евра. Затоа вели, СДСМ аргументирано говори дека кон граѓаните би се враќал толкав вкупен износ годишно.
„Според официјални податоци, во РМ живеат околу 2 милиони граѓани. Но, точниот број, по „заслуга“ токму на владата на ВМРО ДПМНЕ со неспроведувањето на пописот, за кој патем парите беа потрошени, точниот број на граѓани всушност никој не го знае. Потоа, бидејќи просечното семејство во државата брои меѓу 4 и 5 члена, појдовме со претпоставка дека во Македонија живеат околу 355.000 семејства. Сега, ако 13 милиони евра годишен поврат на ДДВ, се подели со наведениот претпоставен број на семејства, се добива износ од околу 380 евра, односно, околу 23.500 денари по семејство годишно. Бидејќи, како што беше кажано, станува збор за просек, СДСМ во изјавите ја изнесе претпоставката дека враќањето на 15% од ДДВ-то ќе создаде дополнителен приход меѓу 20 илјади и 30 илјади денари по семејство годишно“, посочи Узунов кој ги повика владините министри да излезат на отворена јавна дебата.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека програмата на СДСМ е , како што велат, класична утка, незнаење и рекламна измама. За Илија Димовски, член на ИК и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата си дозволила да пишува и предлага мерки кои што се само израз на нивното незнаење, ароганција и неодговорност.
„Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов, очигледно не можат да се договорат на што се однесува оваа мерка. Заев вчера вели дека секој граѓанин ќе добивал поврат на ДДВ во висина помеѓу 20 и 30 илјади денари, а денес Узунов вели дека не секој граѓанин, туку секое семејство ќе добива повраток на ДДВ помеѓу 20 и 30 илјади денари. Но, тоа што првиот и вториот човек на СДСМ зборуваат различни работи и не се усогласени нас не не интересира, тоа е нивен проблем кој говори за хаосот и несериозноста која владее во СДСМ“, рече Димовски.
Пресметки правеше и Димовски, а резултатот, како што појасни, би бил следен: Секое просечно семејство би требало да потроши, односно прикаже фискални сметки за стоки и услуги, платени со даночна стапка од 18% во вредност од 435.183 денари, а платени по даночна стапка од 5% во вредност од 1.566.600 денари или секое просечно семејство да троши 2.721 евра месечно.
„Во Македонија граѓаните живеат поскромен живот од тоа што очигледно живее раководството на СДСМ. Сите овие бројки говорат дека првата и најзначајна мерка од долго најавуваната програма на СДСМ е рекламна измама“, посочија од ВМРО ДПМНЕ.
Слично
