Економија, финансии, бизнис

Контакт

Партиски клуч или законска постапка, како се добива кревет во студентски дом?

Партиски клуч или законска постапка, како се добива кревет во студентски дом?

Министерот Спиро Ристовски порача дека ќе се санкционира секоја злоупотреба за доделување места во студентските домови. Од СДСМ пак апелираат, наместо празни апели, Владата да ги преземе конкретни мерки за легално добивање место во домот, наместо по партиски клуч.

Наместо да упатува празни апели и повици до надлежните за фер распределба на местата во студентските домови, треба да преземе конкретни мерки за спроведување на законска и транспарентна постапка, повикаа од опозициската СДСМ како реакција на прес конференцијата на министерот за образование, каде тој најави дека ќе се спречува препродажбата на легла во студентските домови.

Според СДСМ, изјавата во која министерот ја префрла одговорноста на управителите на домовите и на комисиите, отвора сомнеж дека и годинава студентските легла ќе се делат по партиски клуч. Затоа побараа да се прекине партизирањето и на студентските домови, а легла да се делат преку компјутер.

„Ако власта е искрена во определбата за транспарентност, тоа може да го направи едноставно, користејќи современи софтверски решенија за распределување на студентските легла. Со години јавноста е сведок дека распределбата на леглата во домовите се одвива исклучиво во интерес на партиските членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ, но до сега, за ова, никој не е санкциониран ниту разрешен“, стои во соопштението од СДСМ.

Претходно министерот за образование и наука Спиро Ристовски соопшти дека заврши  првата фаза во која апликациите ги поднесуваа студенти од втора, трета и четврта година. Тој додаде дека се пристигнати над 5.000 апликации за студентските места во сите студентски домови во Македонија и оти од 19 август продолжува аплицирањето на бруцошите.

„Апелирам до раководството во студентските домови, до надлежните управители и комисијата што ќе селектира, а истовремено да порачам до јавноста дека оваа година максимум ќе дадеме од себе за целиот процес биде исклучително транспарентен и да се намалат сите шпекулациите за ургенции, влијанија и неправилна распределба на студентските места“, истакна Ристовски и додаде дека според него место во домот може да добијат само оние што ги исполнуваат критериумите.

„Доколку се констатира дека некој ја злоупотребил својата позиција ќе биде соодветно санкциониран, а не е исклучено и негово разрешување“, се закани Ристовски. 

Сместување во еден од скопските студентски домови ќе добијат 6.369 студенти годинава.  
Слично

Поврзани вести