Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПАРТИЈА, ТОА Е УНИВЕРЗИТЕТ!? Време е за нови стандарди!

ПАРТИЈА, ТОА Е УНИВЕРЗИТЕТ!? Време е за нови стандарди!
Потпишувањето на указот за измените на Законот за високо образование од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов, според Студентскиот пленум  е “очекуван” чекор, имајќи ги во предвид брзината и динамиката со која беа донесени пакетот на образовни закони во Законодавниот дом. Мариглен Демири-студент на Филозофскиот факултет и член на Пленумот, вели дека самиот факт што потписот се става во   последен момент од законски предвидениот рок, без конструктивна дебата и без да се чуе гласот на студентите и академската заедница  кои побараа вето врз лошите законски решенија, е доволен показател на веќе очекуваната претседателска реакција. Според Демири, следното прашање е многу покомплексно: Што со ваков екстремно лош закон?! “Ние како студентски пленум, имајќи го предвид искуството со претходно изгласани закони а чие гласање и спроведување истовремено обесправувале или кршеле нечии права, горе-долу очекувавме претседателот на државава да го потпише указот, да се сложи со измените на законот. Ги немавме илузиите дека неговата професорска вокација и етика токму сега ќе се разбуди и нема на законот да гледа како државник, туку како професор. Со овој закон, состојбата на високото образование се влошува уште толку. Влегуваме од грешка во грешка. Освен што се прекршени едно брдо одредби на закони и закони коишто корелираат со овој закон, се прекршува уставот, а што според мене е уште полошо, се навлегува во автономијата на универзитетот. Универзитетот е единствената територија во рамки на една држава којшто треба да има апсолутна автономија според сите параметри и начела. Транзицијата од партија во држава, и држава во универзитет, резултира со партија во универзитет”-вели студентот Мариглен Демири. Според него,  универзитетот којшто по дефиниција треба да претставува оаза на слободата и врв на интелектуалниот судир и размена на идеи, ќе стане гилотина која „ќе ги сече“ главите на сите оние разјарените и непослушните – учителите  и студентите. Носењето на законите без да се чуе гласот и мислењето на најзасегнатите,вели, кај нас стана навика, норматив. “Што во државава наша не се носи на мускули, па и овој закон да не е така донесен? Насилството стана навика, норматив. Просто, нивното чувство на инфериорност не им дава ни малку храброст да можат на мегдан да излезат и да се соочат со сите диверзитети, со богатството од ставови и решенија, да се обидат да синтетизираат, да влезат во една авантура на дијалог, да го искористат богатството на јазикот и на идеите. Едноставно, да се соочат со некои коишто немаат исти ставови. Студентскиот пленум покажа на недвосмислен начин дека го поседува потребниот легитимитет. Организираше три протести со коишто докажа дека студентите не се согласуваат со начинот на којшто владата сака да го реформира високото образование. Особено не овој закон”-потенцира Демири. Досега,соред него, иако неколку пати надлежните потенцираа дека државниот испит како дел од Законот нема да важи за актуелните студенти, сепак со измените ќе важи за оние кои ќе продолжат на втор циклус студии. На овој начин, додава,  успејаа да протнат на “мала врата” уште едно решение на штета на студентите и покрај автентичната  борба против новите реформи,кои ќе бидат на нивна директна штета. “На почетокот беше екстерен испит, па потем кога видоа дека има негодувања посегнаа по менувањето на името, несфаќајќи дека ако се менува знакот, не значи дека се менува означеното, а ние не го сака(в)ме она што е означено. Односно, испитот којшто е против законските и уставно загарантираното право на студирање. Она што беше подзаборавено во нашата катадневна култура, солидаризацијата и вчувствувањето со маката на другиот, ние, студентскиот пленум, ја соголивме и создадовме нова култура. Култура на солидаризација. Им препорачувам на претставниците на Владата и министрите, а исто и Премиерот, да прочепкаат малку по речници и да научат што значи зборот “Солидарност”. На прашањата зошто ние протестираме кога нас не не задира овој проблем, ние одговаравме со тоа дека ние се солидаризираме со сите идни генерации, без разлика дали ние ќе продолжиме да студираме втор циклус студии, или ќе започнеме нов факултет на додипломски студии. Тоа што постојано на ваков, недемократски начин се носат одлуките говори само за тоа какво општество и каква држава создадоа токму оние коишто се сметаат себеси за државници. Оние чии решенија во сите сфери на општеството им се катастрофални”-вели Мариглен Демири од Студентскиот пленум. Бојкот на наставата, часови  на отворено, перформанси со порака! Студентите уште еднаш  не ја исклучуваат  можноста за граѓанска непослушност. Велат сите можности и потенцијали се отворени, бидејќи  исцрпувачкиот но и веќе исцрпениот институционален пристап, според нив,  е издишан од својата суштина.Очекуваат подршка и од професорите кои застанаа во одбрана на универзитетската автономија и основните права на чинителите во високото образование. “Во моментов со донесениот закон, студентите се во незавидна ситуација. Ние веќе немаме механизми на располагање освен оние вонинституционалните. Според тоа немаме ниту што да изгубиме. Така не` не спречува ништо да посегнеме по тој механизам. Ние не исклучуваме соработка со Професорскиот Пленум и заедничко дејствување, меѓутоа треба да сме на јасно дека ние (Студентскиот Пленум) сме формирани како вонинституционално тело и структура, со своја автентична природа и димензија на прифаќање на најширока хетерогеност. Според тоа, ние сме оние коишто ја водат битката на вистинското тло.Нас, коишто позади нас носиме волја на десетина илјади собрани студенти во Скопје, и сигурно уште повеќе во градовите од внатрешноста на Македонија, коишто важат за универзитетски центри Тетово, Штип, Битола, Охрид, не ни останува ништо друго освен да продолжиме таму каде што и започнавме. Започнавме како воинституционално неформално студентско движење, треба така и да продолжиме”-нагласува студентот по филозофија. Како Студентски пленум, вели,  се во постојани  преговори и средби со Професорскиот Пленум кои се добредојдени да го подржат и да се приклучат кон заедничкиот  настап за вистинско подобрување на квалитетот во високото образование. Досега според  Демири, проблемот не е тоа што контра- професорите детектирале слаб или низок квалитет во високото образование, туку кој го дозволил и кој последниве десетина години направил високото образование да се симне на ова дереџе.   “Дека има неквалитет знаеме и ние, и професорите од Професорскиот Пленум, па дури и сите граѓани. Меѓутоа, првенствено треба да знаеме како е дојдено до оваа ситуацијата со степен на низок квалитет, земајќи ги предвид реформите коишто се спроведувани последниве осум години, големата кампања на владата до минатата година за упис на факултет, нели, “98% од матурантите минатата година се запишаа на факултет – запиши се и ти” и одвојувањето на дел од буџетот за научни истражувања којшто е многу многу низок околу 0.2%. И ние студентите и професорите од Професорскиот Пленум сме свесни дека реформи во високото образование се потребни, меѓутоа реформи коишто ќе го подобрат високото образование, коишто нема да удрат по интересите и квалитетот на студентите, нема да ги понижуваат професорите и нема по никоја основа да чепкаат во автономијата на универзитетот”-додава студентот Демири. Студентски маки-реални проблеми! Дополнително, според Студентскиот пленум,  надлежните треба да се подразмислат и за условите во кои живеат студентите и подигнување на студентскиот стандард.  Деновиве, велат, излегоа на виделина уште еднаш реалните проблеми со кои се соочуваат студентите сместени во студентските домови, греењето,  хигиената,исхраната. Оттаму, тие ќе го актуелизираат и овој проблем кој со години се провлекува низ институционалните лавиринти, а во меѓувреме илјадници студенти ги трпат последиците од  инертниот однос на одговорните институции. “ Студентскиот пленум не се формираше само како антипод на реформите коишто Владата ги најави и ги изгласа, а се на штета на студентите, академската заедница и универзитетот во целина. Идејата на Студентскиот пленум е артикулацијата на студентските потреби коишто во моментов се игнорирани и маргинализирани. Структурата којашто е задолжена да ги услишува потребите на студентите и да дејствува во насока на нивно подобрување и реализирање не прави ништо освен организирање студентски забави. Раководители на студентските домови се партиски членови кои постојано извршуваат притисоци врз студентите од внатрешноста коишто живеат по тие домови. Студентскиот пленум има за задача да ги поставува овие прашања, но и барања до Владата на Република Македонија, за подобрување на условите во студентските домови, за фер селекции, за подобрување на студентскиот стандард, можност за студентски кредити- смета Мариглен Демири. Студентите, според него, досега неколку пати јасно и недвосмислено упатиле порака до надлежните. Тие пораки досега,вели,  стигнале не само до домашната туку и до пошироката јавност и реакциите и интересот со кој од страна се гледа на проблемите треба да се јасен сигнал дека нешто не е во ред. “Власта треба да знае дека студентите се разбудија и веќе не се во хибернација, да собере ум и да почне да ги слуша првенствено своите граѓани секогаш кога се незадоволни, а во случајов студентите. Студентите имаат обврска и одговорност да се интересираат за политика пред се`. Нека не ги заокружува и нека не ги манипулира медиумите, нека не` нанесува неправди, нека ги сослуша потребите на студентите. Како што во врска со измените на Законот за високо образование студентите се почувствуваа повикани да реагираат, исто така тие како хонорарци и како идни професионалци, било професори и учители, било новинари, ќе  бидат повикани да ги бранат интересите на својата фела. Владата треба да знае дека студентите веќе нема да реагираат, туку ќе агираат и ќе постават нови стандарди на комуникација и култура во општествотo”-додава Мариглен Демири од Студентскиот пленум. Владата, порачува студентот,  треба да знае дека колку повеќе неправди нанесува на своите граѓани, особено студентите, толку повеќе студенти ќе се појавуваат по улици и гордо и достоинствено ќе стојат еден покрај друг.
Слично

Поврзани вести