Партиите со осуда на убиството во Ѓорче Петров
Убиството на младиот Ангел Петковски не е ниту од етничка, ниту од верска побуда - станува збор за криминален чин што ја покажува охрабреноста на крадците да убијат кога некој се обидува да го заштити сопствениот имот, вели лидерот на ГРОМ, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски.
Тој ги пренесе реакциите на неговата партија по убиството на матурантот во Ѓорче Петров од страна на крадците на неговиот велосипед.
„Ние, Граѓанската опција за Македонија-ГРОМ, веќе со месеци укажуваме дека безбедноста на граѓаните е загрозена и дека криминалците се подготвени и да убијат кога е во прашање пленот кој успеале да го приграбат при кражбите. Се поставува прашање каде се институциите на Република Македонија? Зошто надлежните органи не реагирале, имајќи предвид дека оваа криминална група била регистрирана од полициските служби и повеќепати била дел од напади и физички пресметки со граѓани на Ѓорче Петров? Ова само покажува дека ниту полицијата, ниту останатите органи на прогонот, а ниту, пак, судството не наоѓаат начин да излезат на крај со криминалците“, вели Јакимовски.
ГРОМ бара Владата итно да направи измени на законските решенија со кои ќе се зголемат овластувањата на полицијата во прогонот и спречувањето на криминалот, но, во исто време, да ги се зголемат драстично санкциите за криминалците кои очигледно „хараат“ низ Република Македонија.
Демократската обнова на Македонија - ДОМ, пак, ги повика институциите што поскоро да ги изведат пред лицето на правдата сторителите на бруталниот чин во Ѓорче Петров.
„Како граѓани мораме да покажеме висок степен на толеранција и верба во капацитетите на институциите дека ќе се справат брзо и ефективно со девијантните појави, за што од ДОМ имаат поддршка. Истакнуваме дека и во овие тешки моменти, единствениот пат кој е вистински е оној на правдата, правото и мирот. На агресијата и насилството не смее да биде вратено со насилство и агресија, а чувството на гнев не треба да ја потисне рационалноста на граѓаните“, вели портпаролот на ДОМ Тони Ристов.
ДОМ бара од политичките фактори во Македонија едногласно да го осудат убиството и да се заложат за смирување на состојбата, која, велат, може да ескалира.
МВР денеска објави дека е уапсен 19-годишникот за кој постои сомнение дека го извршил убиството, а се работи и на целосно расветлување на случајот. Уште 18 лица, меѓу кои и 5 малолетници, биле уапсени заради немирите што избувнаа потоа во Ѓорче Петров.
Слично
