Партиите се судрија за бранот на поскапувања
Дали кога најави отпишување на долгови, премиерот Никола Груевски на ум ги имаше новите ценовни поскапувања во Македонија, прашува опозицискиот СДСМ.
„Власта не само што нема срам, туку нема ни совест. Не само што го најавија покачувањето на патарините во момент кога Македонија жали по трагично загинатите пилоти, не само што не чувствуваат одговорност да го објаснат пред граѓаните бранот поскапувања на струјата, бензините, патарините и последиците што ќе повлечат редица други покачувања. И по 8 години владеење, сеуште бараат виновници во другите“, соопштија од опозициската партија.
И ЛДП реагираше на последниот бран на поскапувања, со кои во еден ден се зголемија цените на патарините и трошоците за регистрација на возилата.
„Наместо ветениот подобар живот, два месеци по изборите власта ги зголемува трошоците на граѓаните, и тоа време на тензии, протести, трагедии. Сето ова владата ни го „спакува“ кога Македонија тагува за 4-та трагичнозагинати граѓани на РМ, врвни професионалци, и кога сите стравуваат од ескалација и несакани последици од протестите“, стои во соопштението од ЛДП.
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, не постои поскапување на патарините туку престанување на важноста на антикризната мерка со која за време на кризите, светската и европската, од 2009 година привремено како ослеснување за граѓаните имаше намалени патарини.
„Сега кога кризата заврши кога земјата има безмалку 4% раст во првиот квартал и 3% раст во 2013 година, значајно зголемен извоз и тренд на намалување на невработеноста, доаѓа до логичен престанок на важноста на антиризната мерка за патарините“, објаснуваат од оваа партија.
Притоа ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека „македонската Влада беше една од ретките кои воведоа толку многу антикризни мерки во Европа и не случајно Македонија беше меѓу земјите кои најлесно поминаа низ овие две историски кризи во светот и Европа“.
Слично
