Партиите и денеска ќе преговараат – има нов предлог на маса?
Работните групи на политичките партии ќе продолжат и денеска со преговори за да се реши единственото преостанато спорно прашање – ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната Влада.
Во резиденцијата на американскиот амбасадор, Џес Бејли на Водно синоќа договор не беше постигнат. Претставниците на партиите не дадоа никакви изјави, а Бејли рече дека има интересен предлог и се надева дека договор ќе се постигне до крајот на неделава.
„Не можам да ви соопштам дека постигнавме договор, но може да ви кажам дека имавме интересна нова идеја на маса“ - изјави Бејли.
На средбата учествуваа Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шекеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА. Посредници на преговорите се американскиот амбасадор Џес Бејли и заменикот на евроамбасадорот Аиво Орав, кој е на дополнителни консултации во Брисел.
