ПАРНОТО СИГУРНО НЕМА ДА ПОСКАПИ, НО НЕ Е ИЗВЕСНО ДАЛИ ЌЕ ПОЕВТИНИ - деновиве ќе се знае новата цена
До крајот на неделава ќе се знае каква корекција ќе претрпи цената на парното за наредната година.
Според сознанијата на Фактор, цената на парното нема да се зголеми, и покрај големиот притисок што врз неа го вршат околу 10 илјади домаќинства, кои се исклучени од системот на парно греење. За оваа година се очекуваше влијанието на исклучените потрошувачи, односно нивниот трошок да биде околу три отсто, или околу 800 илјади евра.
За тоа дали има шанси за намалување на цената, нашите извори велат дека се уште не се знае дали тоа ќе биде возможно, иако такви беа очекувањата на јавноста.
А во текот на претстојнава недела всушност Регулаторната комисија за енергетика треба да ги разгледува забелешките од Балкан енерџи груп, односно нивните барања за цената на топлинската енергија. Нашите сознанија говорат дека тие се однесуваат на зголемување, па поради тоа во следниве денови треба да се кршат копјата меѓу двете институции.
Инаку, вообичаено секоја година нова цена на парното се утврдува на крајот на јули, но сега тоа ќе се случи во август, токму поради големиот број забелешки од компанијата.
„Ги разгледуваме забелешките и одлука ќе донесеме до крајот на неделава. Целата борба е цената за граѓаните да не оди нагоре. Сепак, проблем прават исклуените од парно, околу 10 илјади домаќинства, кои од крајот на март минатата година не плаќаат ни денар за топлинската енергија. Сепак, ние ќе останеме на ветувањето што го дадовме на потрошувачите, а тоа е дека тие ќе бидат заштитени, односно врз нив нема да се одрази негативно ослободувањето на исклучените од парно, и нивните сметки нема да се зголемат поради овој притисок“, вели за Фактор Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
За ова ќе помогне и намалувањето на данокот на додадена вредност за топлинската енергија, објаснуваат од Регулаторната комисија.
А лани на 31 март беше донесена одлука исклучените од парно веќе да не го плаќаат паушалот. Тоа го оптоварува системот и ги зголемува трошоците. Правото да не плаќаат важи само за граѓаните кои се исклучени и живеат во своите домови, не не и за оние што ги чуваат домовите празни.
„На пример, од системот на парно греење се исклучуваат граѓаните кои заминуваат во странство, но тие се приморани да си го плаќаат фиксниот надомест, кој варира од зграда до зграда и што важи за оние чии домови се празни“, објаснува Бислимовски.
Инаку, охрабрувачки е фактот што многу од новите згради кои се изградени, се приклучуваат на централниот систем на парно греење. Ова од причина што за системот е подобро да има што повеќе корисници, што ќе влијае и за намалување на сметките.
Инаку, лани пани парното кое граѓаните го добиваат преку БЕГ, поевтини за 6 проценти.
Тоа значеше дека сметка од 2000 денари за парно на БЕГ на чиј систем има најмногу приклучени потрошувачи, се намали за околу 150 денари.
Ова делумно се олжеше и на фактот што за прв пат ТЕТО како когенеративна постројка почна да продава топлинска енергија, која што е за 15 проценти пониска од цената на БЕГ производство, а се намали и ДДВ-то за парното, од 18 на 5 отсто. А и лани негативно влијание имаше трошокот на исклучените потрошувачи, за околу еден милион евра.
Како што е познато, во април годинава Регулаторнаката комисија за енергетика донесе официјална одлука граѓаните кои се погодени од корона кризата, сметките за март, април и мај да ги плаќаат на рати и без камата доколку имаат минимални приходи во своите домови. Бислимовски вели дека тоа донесе за голем број граѓани, околу 99 отсто, намалување на сметките за околу 20 отсто за овие три месеци, а пораст имало само кај мал број корисници, чии станови имале проблеми со енергетска ефикаснсот.
Нина Нинеска-Фиданоска
