ПАРНО ГРЕЕЊЕ ВО СКОПЈЕ - ќе преовлада ли грижата за здравјето на граѓаните или одредени бизнис интереси?
Грижата за здравјето на граѓаните - или одредени бизнис-интереси, прашање е што ќе преовлада кај надлежните институции оваа зима?
Падот на температурите изминатите денови по подолг период на топло и сончево време, кога домаќинствата подолго време во денот ги загреваат домовите на различни начини, го врати загадувањето во главниот град.
Мерачите на загадување почнаа да покажуваат значително повисоки бројки, а амбулантите и другите здравствени институции бележат зголемен број пациенти со респираторни проблеми.
Затоа граѓаните со право стравуваат за сопственото здравје, особено по најавите на АД ЕСМ дека од 15 ноемвриќе го тестира работењето на двете топлани Исток и Запад на дизел.
Согорувањето на ова гориво при работата на топланите е исклучително штетно за животната средина, бидејќи го загадува воздухот неколку пати повеќе од други горива.
Дополнително, цената на дизелот на светските пазари упорно расте, а светските аналитичари прогнозираат дека таа допрва ќе урива рекорди.
Домашната експертска јавност е изненадена од државната стратегија за производство на топлинска енергија со користење дизел поради наведените причини, но и поради фактот што постои ефикасна, поевтина и поеколошка алтернатива за гориво за загревање на топланите, која државата свесно ја избегнува, а тоа е природниот гас.
На негативните ефекти по здравјето на луѓето од таквата државна стратегија неодамна укажа и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Тој потенцираше дека доколку постојат услови, треба што е можно повеќе да се користи природниот гас за произведување топлинска енергија, најмногу поради неговата цена, но и минималниот негативен ефект што го има врз загадувањето на воздухот за разлика од согорувањето на дизелот.
Бислимовски истакна дека топланите треба да бидат подготвени со алтернатива само за исклучителни ситуации, односно ако поради одредени причини има проблеми со набавка на природен гас.
Истиот став го изнесе и Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“, потенцирајќи дека најавите за пробно користење на дизелот како гориво за топланите е несериозно и непотребно, кога за нив постои опцијата да работат на природен гас.
„Еко-свест“ посочи дека користењето дизел би било краткорочно решение кое е спроведено нетранспарентно, а ќе донесе долгорочни штетни последици по здравјето на граѓаните на Скопје.
И покрај сите укажувања, сите сегашни потези укажуваат дека стратегијата на АД ЕСМ е насочена кон воведување на дизелот како гориво за топланите Исток и Запад од кои со топлинска енергија се снабдуваат околу 60.000 домаќинства во Скопје.
Ако тоа се случи, тогаш потребните количини дизел ќе се набават од државните резерви, што од друга страна ќе наметне потреба од распишување нов тендер за дополнување на потрошените количини од државните резерви.
Имајќи ја предвид досегашната практика, таквите тендери досега беа „резервирани“ за одредени компании, што отвора сомнеж дека повторно може да бидат наменети за конкретни, добропознати компании на јавноста, кои ќе ги надополнат државните резерви со дизел.
