„Паркови и зеленило“ вработува и среде изборна кампања!
Советот на Град Скопје донесе одлука според која во екот на изборната кампања во Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ - Скопје ќе бидат вработени 85 лица.
Новите вработени ќе бидат ангажирани од 1 мај до крајот на годината, а ќе работат на одржување на зелените површини во градот. Опозицијата остро се спротивстави на одлуката за вработување која се носи во предизборие, со што работните места можат да се злоупотреба во изборни цели.
„Со оваа програма може да се влијае на слободната волја на гласачите, ќе се овозможи преку овие времени вработувања во „Паркови и зеленило“ да се влијае на слободната волја на гласачите преку ветување или уцена. Ова јавно претпријатие нема ништо да изгуби ако се одложи програмата за 20-30 дена и онака новите вработувања им требаат од почетокот на мај“, рече советникот на СДСМ, Драги Давчевски.
Градоначалникот Коце Трајановски и директорот на јавното претпријатие Душан Авировиќ ја бранеа одлуката со образложение дека парите за овие вработувања се веќе предвидени и дека станува збор за редовни активности, кои никако не се поврзани со изборната кампања.
„Тревата не можеме да ја контролираме. Се работи за изгледот на Град Скопје, за зеленилото во градот кои во мај бараат поголем обем на работа. Освен тоа, немаме дополнителни непланирани финансиски средства, туку се предвидени во буџетот. Се работи за исплата на работник по 9.000 денари месечно, работа која воопшто не е атрактивна, па поради тоа јавното претпријатие има проблем да ги задржи оние кои претходно ги ангажирало“, вели Трајановски.
Според советниците на ВМРО-ДПМНЕ со 85 вработувања никако не може да се влијае на исходот на изборите, па целиот случај не треба да се политизира.
Слично
