Парк или барокна зграда – власта и опозицијата во клинч поради апсењата кај Бристол
Апсењето на 11-мината жители кои протестираа кај паркот кај хотелот Бритол, кои синоќа беа приведени во голема полициска акција беше повод за ново препукување меќу власта и опозицијата. Откако СДСМ го осуди апсењето, ВМРО ДПМНЕ побрза да врати обвинувајќи ги за партизација на протестот.
Како што денеска изјави Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ, апсењето на група граѓани кои се противат на изградбата на административна зграда во непосредна близина на хотелот Бристол во Центар е за целосна осуда.
„ Приведените граѓани беа физички малтретирани и понижувани без никакво образложение. Како епилог единствено добија прекршочни казни за загадување на околината во износ од 50 евра. Од кога за казни од 50 евра се активираат специјалци и хермелини“, смета Манчевски.
Од владејачката ВМРО ДПМНЕ пак велат дека опозицијата ангажира партиски војници кои треба да креираат свесен конфликт за 5 дрва и парк од 483 метри квадратни пред хотелот Бристол.
„Истите луѓе кои имавме можност да ги видиме во многу таканаречени независни протести еднаш под името АМАН, потоа на таканаречениот ОТПОР, тоа се истите луѓе кои што беа и делегати на конгресот на СДСМ, роднини на високите функционери на СДСМ, сега се појавувааат како бранители на 5 дрва. Повеќе од очигледно е дека причината не се дрвата туку свесното креирање на конфликти, нешто што СДСМ најдобро знае да го прави, што воопшто не е во интерес на граѓаните на Република Македонија“, стои во партиската реакција.
оттаму велат дека може да се засадат 10.000 нови дрва со парите од комуналиите од објектот на Советот за Радиодифузија кој треба да се гради на спорната локација.
„Со ова покажавме дека како и до сега се грижиме за обнова и засадување на ново зеленило како во Општина Центар, така и низ цела Македонија. Но, СДСМ и Андреј Жерновски ја одбија таа алтернатива со што го покажаа своето лицемерно однесување. Бранат 5 стари дрва, а одбиваат предлог да се насадат 10.000 нови. Нема нормален човек кој што може да ја сфати нивната логика“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Претходно полициската акција ја осудија и повеќе невладини здруженија, како и опозициските советници заедно со градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
Слично
