Економија, финансии, бизнис

Контакт

Париски сон, македонска реалност за Ристе Самарџиев: Каде завршуваат дипломираните криминалисти?!

Париски сон, македонска реалност за Ристе Самарџиев: Каде завршуваат дипломираните криминалисти?!
Каде завршуваат дипломираните криминалисти е прашање кое го поставува секоја нова генерација на високобразовните институции за безбденост, а кои по завршувањето на студиите само ја надополнуваат бројката на армијата невработени кои чекаат работа. Ристе Самарџиев има 27 години и е дипломиран полициски офицер од втората генерација запишани студенти на некогашната Полициска Академија во Скопје, а сегашен Факултет за безбедност. Откако од неговото родно Градско завршил во француската гимназија во Неготино, како ученик на генерацијата, во 2005 -тата се запишал на Полициската академија во Скопје. Тука поминал две студиски години и добил стипендија од Француската Влада и нивното Министерство за внатрешни работи, за да ги продолжи студиите на нивното Високо државно училиште за полициски офицери во Париз. И , вели полека сонот почнал да му се остварува, но само за кратко! “ Студиите ги завршив во 2008-мата и по завршувањето се вратив веднаш во Македонија. Пресреќен што навреме успеав да се стекнам со искуство и знаење од областа на безбедноста. Поднесов барање и побарав нострификација на мојата диплома стекната во странство, која ја добив дури по шест месеци. Сепак со неа добив стручен назив -дипломиран полициски офицер, што е еквивалент на дипломиран криминалист на Полициската академија исто како и моите колеги со кои ги започнав студиите. Инаку, високото државно училиште на кое ги продолжив студиите во Париз е установа за потребите на француското Министерство за внатрешни работи која продуцира кадри од областа на безбедноста со чин “лиеутенант”, или во превод, тоа би значело инспектори кои имаат втор чин по големина во нивната хиерархиска подреденост во полицијата. Ја добив дипломата и си помислив-се враќам дома-таму да го пренесам знаењето”-вели Ристе Самарџиев. Од Париз во потрага по работа во Скопје! По враќањето во Македонија, дипломираниот криминалист Ристе Самарџиев, самоуверен и среќен побарал средба и прием кај Министерката за внатрешни работи, кое не го добил, но за неговиот случај, кој вели е единствен досега во Франција, се ангажирало и Француското полициско аташе со седиште во Скопје. Во интерни средби со министерката го образложиле неговиот проблем со невработеноста. Од македонското Министерство му одговориле дека ќе биде ставен на приоритетна листа на чекање. Но, од тогаш поминале шест години. На Ристе Самарџиев, сеуште му останала нерешена дилемата што треба се да знае човек за да може да ги помине овдешните филтри за вработување?! “Жал ми е што по принципот партиски клуч во полиција се вработија илјадници нови кадри кај нас, но ретко кој од дипломираните од Полициската акдемија. Проблемот со вработувањето единствено го решија десет -дванаесет дипломирани студенти кои се вработија по рамковен договор или партиски. Моментално работам обезбдедување во една приватна компанија во Кавадарци, колку да го извадам лебот и како млад човек да не зависам од домашните. Јас ја делам сличната судбина со моите колеги кои се дел од армијата невработени криминалисти и кои се далеку од платени или почитувани во агенциите за обезбедување, а честопати и не ги примаат можеби од страв од конкуренција. Не ретко дипломиран криминалист ќе сретнете и како таксист, продавач и слично.Разочаран сум и се прашувам и покрај познавањето на англиски и француски јазик, ригорозната обука и испити, но и навистина тешката стручна подготовка во Франција, а плус и две години во Македонија, што се друго е потребно да се стигне до соодветно работно место? Па, дали, си мислам, овие квалификации, или барем дел од нив се бараат и за конкурсите кои ги распишуваат кај нас?-“ вели Самарџиев. Само за споредба! Да учиш и знаеш не е срам, но срам е некој да ви ја крои судбината и да не го почитува она што со мака и труд сте го постигнале, разочарано констатира Самарџиев. Додека неговите колеги од Франција со кои поминал многу стручни подготовки, практична и теоретска настава за безбедносните системи на најсовремените држави, со гордост му кажуваат за развојот на нивните кариери, тој сеуште го крие срамот и разочараноста од нереализираниот сон. “Колку за споредба каков е односот на другите држави кон нивните обучени кадри ќе ви го дадам следниот пример. Од 15 странци колку што завршивме во Франција имав двајца колеги од Бугарија, од кои едниот моментално е распореден како полициско Аташе на Бугарија во Париз, колешката од Романија по завршувањето на студиите е професор на Полициската академија во Букурешт, а колегата од Конго е назначен за Директор на нивното биро за јавна безбедност, што е јасен показател за односот на нивните држави кон нивните висококвалификувани кадри од областа на безбденоста и доказ дека за нашето раштимано општество и изместени вредности дури и во компарација со една афричка земја”-додава Ристе Самарџиев. Каде е здружението на дипломирани криминалисти?! Откако преку обидите на Здружението на дипломирани криминалисти кое во 2012 на протести пред Владата побара вработување на дипломците по безбедност, само неколкумина успејаа да добијат работа и да бидат замолчени, сега оние кои останаа со истите барања, но со празни раце повторно ќе се обидат да подсетат на овие млади луѓе кои сеуште не се откажуваат од својот сон-да се вработат за она што учеле и она што најдобро го знаат и умеат. “Пред извесно време најавив формирање на ново здружение, но овој пат со име “невработени дипломирани криминалисти”, кое би имало легитимно право да бара наше вработување. Дури и во најава истото беше саботирано од поединци од претходното здружение кои во меѓувреме се вработија, а и од колегите кои поради апатија и очај во кој моментално се наоѓаат, не сакаат повеќе да трошат енергија за овој наш проблем. Владеачките структури преку партиските штабови и членство на огромен број на членови во владеачката партија на секој начинсе трудат да ја саботираат секоја нова надеж за наше вработување, преку ветувања дека еден ден тоа ќе се случи, но на индивидуално ниво и тоа за малкумина дава резултати, но неможам да останам некритичен, бидејќи сметам дека тоа е одраз на ниската критична интелегенција на мојата фела и дел од колегите”-потенцира Самарџиев. Ристе Самарџиев не е ниту првиот ниту последниот дипломиран криминалист во земјава кој ја дели сличната судбина. Од досегашното искуство стекнато на студиите и она што му го приредил животот потоа, заклучува дека на долгорочен план по однос на безбедноста е колку жално исто толку и штетно да се примаат неквалитетни и нестручни кадри, а не им се дава предност на дипломираните криминалисти. Тоа вели е првото што го научил надвор а неможе да го пренесе дома. Оваа за него сеуште неразбирлива состојба создава сериозни општествено негативни импликации по безбедноста на државата, а кои допрва ќе се рефлектираат во иднина. Каква ќе биде неговата иднина неможе да предвиди но она што многу често му поминува низ мислите е да заврти нов лист кој ќе го однесе далеку од македонските граници со надеж дека некој ќе знае да го вреднува и цени неговата стручна подготовка и знаење. Светлана Божиновска
Слично

Поврзани вести