Пари со новото име од следната година, нема да се двојазични
Граѓаните ќе ги користат книжните пари со новото име на државата од јануари следната година, потврди денеска гувернерката Анита Ангеловска Бежоска. Според динамиката на печатење, прво ќе бидат пуштени банкнотите од 500 и 10 денари.
„Парите ќе се повлекуваат и ќе се пуштаат во оптек во согласност со природниот циклус и потребите. Очекуваме првите банкноти да излезат на почетокот од следната година. Ова е подолг процес, но ние веќе имаме распишано два тендера и очекуваме таа постапка да биде реализирана во согласност со нашите проекции“, рече Ангеловска Бежоска.
На прес конференцијата на која гувернерката ги презентираше новите макроекономски проекции, соопшти и дека новите книжни пари нема да бидат двојазични но дека за тоа ќе има дополнителни консултации согласно законската и уставната рамка.
