Пападопулу: Не прифаќаме Македонија во името, нема мрдање
Грчаката владејачка партија Независни Грци уште еднаш јавно го потврди својот став дека не прифаќа било каков термин Македонија во името на нашата земја или пак како дел од евентуалниот договор за решение на спорот за името, а дека нема отстапки од оваа позиција се изјасни и Манталена Пападопулу, портпаролката на помалата коалициска партија во грчката влада за телевизијата Скај.
-Ние како Независни Грци не се согласуваме со било кое име што ќе го содржи терминот „Македонија“ или изведени зборови. Тоа е позицијата на Независни Грци изразена уште од првиот ден. Оваа позиција е јасна е и не се менува - рече Пападопулу
Портпаролката на Независни Грци, рече дека уставните промени и иредентизмот се главните точки во преговорите, додека пак запрашана за тоа дали според неа ќе се постигне договор и ќе стигне во грчкиот Парламент, Пападопулу вели дека не ѝ изгледа дека е лесно за „Скопје да го прифати она што го бара грчката страна“.
-Сите прашања се на маса. Прво и главно е прашањето со иредентизмот и промените на Уставот. Скопје е повикано да види како може да управува со тоа прашање. Велам дека ова е особено тешко да помине кај малцинствата во државата на Скопје. Ставот и позицијата на Независни Грци се јасно формулирани уште од прв момент, во споредба со позициите на другите партии од опозицијата, објасни Пападопулу.
Портпаролката на Независни Грци, објасни дека со изјавата на Алексис Ципрас за Горна Македонија, во одговорот на дописничката на МИА од Брисел, на прес конференцијата во петокот, грчкиот премиер дал еден пример, а не конкретен предлог.
