Пахор има убедливо водство, но Словенија повторно ќе гласа
Актуелниот словенечки претседател Борут Пахор има големо водство на претседателски избори Словенија, но не освои доволен број гласови за победа во првиот круг, соопшти доцна вечерва словенечката Централна изборна комисија, по преброени 99,9 проценти од гласовите.
Според овие резултати, Пахор освоил 47,07 отсто од гласовите и во вториот круг по две недели ќе се соочи со независниот градоначалник на Камник, Марјан Шарец, кој денеска доби 24,96 проценти од гласовите.
На трето место се пласира Романа Томц од конзервативната Словенечка демократска партија (СДС) со 13,74 отсто, пред Људмила Новак од партијата Нова Словенија – Христијански демократи (НСИ) со 7,15 проценти и Андреј Шишко од Движењето за обединета Словенија (ГЗС) со 2,22 отсто од гласовите.
Останатите четворица кандидати за словенечки претседател освоија помалку од два отсто од гласовите.
Одзивот на денешните претседателски избори во Словенија бил 43,57 отсто.
Словенечкиот претседател во голема мерка има церемонијална улога во домашната политика, но сепак, според Уставот, тој е врховен командант на Вооружените сили и предлага повеќе носители на високи јавни функции, меѓу кои и гувернерот на Централната банка на Словенија.
