Паѓаат тајните, ќе паднат ли и маските: Што кријат договорите со странските инвеститори?
Која странска компанија колку субвенции од земјава добила, оваа тајна што со години претходната Влада ја криеше дури и од пратениците, сега ќе биде обелоденета. Актуелната Влада, одлучи сите договори на странските компании, склучени со претходната влада, а со кои се добиени субвенции да станат достапни до јавноста, и да се декласифицираат. Претходната Влада пак, сумите ги држеше во тајност, па дури и кога извештаите се праќаа во Собрание, беа без суми н на нивно место беа испишани иксови (XXX).
За најголемиот дел од експертската јавоност, која сите изминати години, постојано алармираше дека податоците треба да бидат јавни, за да се направи и квалитетна анализа за исплатливоста на државните субвенции и привлекувањето на странските инвеститори, одличен е потегот податоците да станат јавни.
„Го поздравувам потегот да се декласифицираат информациите за субвенциите на странските фирми. Тоа се јавни пари, на граѓаните, и мора да се знаат износите. Особено агрегатниот износ, односно вкупно потрошените пари за субвенционирање мора да биде транспарентен. Тоа ќе овозможи и прецизно да се проценат трошоците наспроти придобивките од политиката на странските директни инвестиции, врз основа на што, пак, ќе може да се крои или прекрова оваа политика. Притоа, сметам дека оваа политика треба да остане на сила, меѓутоа ајде да изградиме општенствен консензус што и колку ќе субвенционираме“, вели универзитскиот професор Марјан Петрески.
Според Петрески, странските директни инвестиции се и ќе останат круцијални за создавање нова вредност во нашата економија, меѓутоа мора да се најде начин како додадената вредност што ја создаваат овде да биде што поголема, односно повеќе да се поврзат со домашните фирми.
Претходно, во недостиг на целосни информации се правеа повеќе анализи за исплатливоста на субвенционирањето на странските директи инвестиции. Според, Центарот за економски анализи за период од седум години Македонија дала помош на седум компании од вкупно 56 милиони евра. Државната помош преку директни субвенции и даночни ослободувања, кај некои од странските инвеститори достигнувала дури половина од висината на средствата кои тие ги вложиле во Македонија. Кога сите тие трошоци ќе се стават во контекст на ново отворените работни места излегува дека секое отворено работно места Македонија ја чини 21 илјада евра.
Според аналитичарите кои работеа на ова истражување, македонската економија не чувствува големи бенефити од странските инвестиции,н она што е мерливо, е дека учество на странските инвестиции во вкупниот извоз изнесува 27%. Додадената вредност во БДП на седумте компании од зоните кои добиле државна помош од 56 милиони евра е неполн еден процент.
Вкупната заработка на државата од странските компании од зоните изнесува 127 милиони евраи тие се должат најмногу на влезот на Џонсон Мети. Бидејќи околу 80% од извозот на странските пазари го реализира токму овој инвеститор. При тоа, како интересен податок се посочуваше дека кога не би постоеле сегашните субвенции кои државата им ги дава на странските инвеститори во зоните само 3 од 7 компании би работеле со добивка.
Сепак, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најавата за декласификација на податоците само ќе ја намали конкурентноста и ќе одврати многу странски инвеститори да инвестираат во земјава.
Компаниите кои доаѓаат не посакуваат јавно објавување на нивните договори и приходи по основ на субвенции, а тоа не и одговара ни на државата. Прво затоа што се откриваат позициите пред другите земји конкуренти. А, најчесто еден инвеститор во процесот на одлука „го бркаат“ најмалку 5-6 држави со различни понуди кои најчесто не се објавуваат, бидејќи секој нареден инвеститор ќе бара најмалку иста субвенција од оној кој добил најголема, што не е добро и ја става државата во подредена улога. Понекогаш кога конкуренцијата на земји за еден инвеститор е голема и силна, а неговата важност огромна, субвенциите се поголеми, а некогаш може да се успее и со помали субвенции, тоа е предмет на преговори, а во поретки случаи се успева и без субвенции, изјави Христијан Мицковски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, странските инвеститори, често беа критикувани и поради платите, а дел од нив се најдоа на удар на јавноста и поради условите за работа, и отсуството на синдикално организирање во овие компании.
С.Н