ПАЃА НЕВРАБОТЕНОСТА, АМА БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ ПОБРЗО СЕ „ЛИЗГА“ - за пет години сме изгубиле над 90 илјади работници
Големо намалување на бројот на активни граѓани, а паралелно со него се намалуваат и бројките на вработени, невработени и неактивни граѓани во Македонија. Пазарот на труд континуирано се намалува, а последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем пад има кај вработените.
Бројките говорат дека за период од пет години, бројот на работоспосони граѓани се намалил за 168,181 лице. Имено, во 2020 година вкупно работоспособни биле 1.686.589 лица, но нивниот број минатата година спаднал на 1.517.408 граѓани.
Големо намалување се забележува кај бројот на вработени. Во 2020 имало 794.909 вработени граѓани, но минатата година бројот се намалил на 704.617 вработени лица.
Тоа значи дека за пет години бројот на вработени се намалил за над 90 илјади граѓани.
Ова го покажуваат бројките во анализата изработена од Државниот завод за статистика „Месечен статистички извештај. А од податоците во оваа анализа може да се види дека има намалување и на бројот на невработените граѓани во земајва, како и на бројот на неактивни граѓани.
Па така од 155.949 невработени граѓани во 2020 година, нивниот број се намалил на 91.782 во 2025 година.

Слично како и во претходните групи, се забележува намалување и кај некативните граѓани, но тука намалувањето на бројката не е толку големо. Во оваа категорија од 734.731 регистрирани во 2020 година, нивниот број спаднал на 721.010 неактивни граѓани во 2025 година.
Она што зачудува е што покрај намалувањето на бројот на невработени, нема раст на вработените граѓани, туку има намалување кај лицата кои се активни на пазарот на труд.
Ваквите бројки се уште еден сигнал за масовното иселување од земјава, но може да бидат и знак дека се повеќе граѓани работат без да бидат пријавени, или пак се насочуваат кон сеознски работи, од кои дел се во странство.
Инаку согласно последниот Оперативниот план за вработување за 2026 година кој неодамна беше најавен, дел од средствата се пренасочени од помалку атрактивните мерки кон програмите за самовработување и вработување, со цел да се обезбеди поголем ефект врз пазарот на трудот.
Младите до 29 години кои сакаат да започнат сопствен бизнис ќе можат да добијат грант до 10.000 евра, додека лицата над 29 години ќе имаат право на финансиска поддршка до 7.000 евра.
Дополнително, доколку две млади лица се здружат и основаат друштво со ограничена одговорност, вкупната поддршка може да достигне до 20.000 евра.
П.О.
