ПАДНАА ФОТЕЉАШИТЕ НА ВМРО ДПМНЕ: Престанува ли практиката лојалноста да се купува со директорско место?
Со еден потег на владата паднаа 1500 „фотељаши“ од ВМРО-ДПМНЕ
Со одлуката на владата да ги разреши сите членови на управни и надзорни одбори се отвори патот за преземање на власта во пониските ешалони. Станува збор за смена на повеќе од 800 членови на овие тела, односно 720 членови на управни одбори на компаниите и 160 во надзорните одбори. Покрај тоа, има околу 160 луѓе во одборите на директори, како и дополнителни 400 кои членуваат во разни комисии.
Оваа „метла“ на владата на премиерот Зоран Заев е само почеток, бидејќи следен чекор ќе биде разрешување на директорите на државните институции кои ги добија како наследство од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Владата соопштија дека тие се разрешени со цел да се спречат понатамошни штети по Буџетот од неодговорното однесување на дел од членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, за кои постојат информации дека биле потпишувани штетни менаџерски договори со астрономски надоместоци.
Зошто се важни управните и надзорните одбори
Управните и надзорните одбори во институциите имаат улога на контролен механизам којшто треба да се грижи за регуларноста на работењето на институциите и за спроведувањето на законите. Управниот одбор е независно тело, а неговите членови не се вработени иако добиваат надоместоци. Нивната работа, пак, потоа ја разгледува Надзорниот одбор. Составите на овие одбори често биле предмет на контроверзии во јавноста.
Од 1 јануари 2016 година со одлука на претходната Влада, престанаа да важат мерките за штедење за надоместоците за управни и надзорни одбори, одбори за контрола за материјално-финансиското работење и совети.
Владата утврди паушалот за членовите во управните и надзорните одбори да биде во апсолутен иснос и тоа: 12.000 за претседател, 11.000 за потпретседател или заменик и 10.000 за членови.
Два дена пред изборот на преодната влада, во август минатата година, владата предводена од Емил Димитриевнаправи куп измени во раководните органи на 30-тина државни институции. Беа сменети се директори, советници, членови на управни одбори.
Најголем дел од промените беа во Центрите за социјални грижи кои се под капата на Министерството за труд и социјална работа, институцијата каде беше извесно дека ќе биде сменет министерот Диме Спасов, а на негово место ќе дојде министер од редовите на СДСМ. На владина седница беа сменети членови во 12 управни одбори на центри за социјални грижи, а измени беа направени и во Специјалниот завод Демир Капија и Домот за доенчиња во Битола. Сега сите тие ќе бидат разрешени.
Каракамишева шампион
Најголем губитник по последната одлука на Владата е професорката на Правниот факултет, Тања Каракамишева, која освен професорската плата добиваше паушал уште од седум-осум други функции.
Каракамишева уште од 2010 година почнува да добива функции, прво како член на матичната комисија за вршење на подготовките за почеток на работа на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Потоа станува претседател на Комисијата на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство на истиот универзитет.
Во 2015 година, беше именувана за член на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, а истовремено беше и во Надзорниот одбор на Македонски пошти. Нејзиното име се уште фигурира на таа функција и во Антикорупциската комисија, каде како и останатите други именува функционери има обврска да поднесе анкетен лист.
Меѓу „одбраните“ беше и поранешната директорка на МПМ, Јана Станисављева, која била дел од Управниот одбор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија, како и во раководството на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, каде во март годинава ѝ истекол мандатот.
На потег е Владата на премиерот Заев, која треба да одлучи кои луѓе ќе ги стави во раководните тела на државните институции. Дали тоа повторно ќе бидат лица кои на тој начин ќе бидат наградени за лојалноста кон власта или изборот ќе се врши според други критериуми.
Ј.М.
