Економија, финансии, бизнис

Контакт

Падна договор, Груевски и Црвенковски спремни за избори!

Падна договор, Груевски и Црвенковски спремни за избори!
Опозицијата се враќа во Собранието, нема одложување на локалните избори. Според денешниот договор рокот за поднесување на кандидатските листи ќе се продолжи уште 3 дена,  поради што  ќе се скрати предизборната кампања. Веднаш треба да се формира заедничка комисија  за расчистување на настаните во Собранието од 24 декeмври.

Одговорајќи на новинарско прашање дали постигнатиот договор подразбира можност и за одржување предвремени парламентарни избори, известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит, одговори потврдно, но не прецизираше датум кога тие ќе се случат.

Црвенковски задоволен: предвремени избори ќе има

Премиерот Никола Груевски преку прес конференција, а лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски преку обраќање до своите приврзаници, истакнаа дека се задоволни од договореното.

Црвенковски им се заблагодари на граѓаните за досегашната поддршка и порача дека тргнува во битка за победа на претстојните избори.

„Денеска се постигна политички договор зад кој како гарантор стои ЕУ дека веднаш по локалните избори почнуваат преговорите за предвремени парламентарни избори. Тие преговори мора да завршат и да се дефинира датумот за идните парламентарни избори најдоцна до почетокот на септември. Значи на локални избори ќе одиме, предвремени парламентарни избори ќе има. Од денеска ја почнуваме битката за локалните избори“, изјави вечерва Црвенковски пред почетокот на седницата на Централниот одбор на партијата, на која централната тема е настапот на локалните избори.

Груевски: сега ќе се види на чија страна е народот

Претходно со прес конференција се јави и Премиерот Груевски кој најави дека се спремни за учество на локалните избори и максимално подготвени со свои програми и кандидати.

„Почнуваме со кампања, почнуваме со вистинските теми, кои се директно поврзани со решенија на дневните проблеми на граѓаните, за конкретни мерки, реформи, проекти кои треба да го подобрат животот на граѓаните, а не за баук теми од кои никој нема фајде и со кои некој сакаше подолго време да ја замајува јавноста. Продолжуваме со силно темпо, и ако досега бевме воздржани, дури и да не одржуваме митинзи, и не сакавме да бидеме злоупотребени за дневна политика било што и ако направиме, колку тоа и да е добро, сега ви најавувам, сега ќе видите што значат митинзи, што значи народ, што значи енергија и верба во нашата идеја, сега ќе видите што значи поддршка од народот и од каде ја црпиме нашата сила“, изјави Груевски.
Слично

Поврзани вести