ПАДНА БАЛКАНСКИОТ ЕСКОБАР: Најголемиот српски нарко-дилер Космајац уапсен во Белград!
Српската полиција го уапси Драгослав Космајац, кој пред неколку месеци лично од премиерот Александар Вучиќ беше посочен како еден од најголемите наркодилери на Балканот.
Космајац бил уапсен во неговиот стан во Белград, а заедно со него се приведени уште седум лица. Како што објави српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ на вонредна пресконференција утрово, полициската акција била резултат на четиримесечна истрага за фаќање на Космајац.
Сите уапсени се државјани на Србија - дел биле приведени во Белград, а дел во Сремска Митровица и се сомничат дека му помагале на наркодилерот во серија кривични дела - од шверц до даночно затајување.
Во т.н. Бела книга на Министерството за внатрешни работи на Србија од 2001 година, сега 61-годишниот Космајац се посочува како еден од најважните трговци со опојни дроги на Балканот. Тој се поврзува со шверцот на дрога од Јужна Америка, од каде наводно организира транспорт на огромни количества кокаин во Европа.
На рутата на шверцот на Космајац, според српските власти, се наоѓа и Македонија. Наводно, тој има разработен канал за пренесување на дрогата од Турција, преку Бугарија, Македонија, Црна Гора и Србија за земјите од Западна Европа.
„Сите се плашат од него. Велат дека е наинтелигентниот човек што го виделе и сите се по малку фасцинирани од него“, изјави Вучиќ, обвинувајќи дека досега немало политичка волја за пресметка со овој криминалец.
Медиумите во Србија објавуваат дека Космајац лично бил близок соработник на озлогласениот колумбиски наркобос Пабло Ескобар.
Слично
