ПАД НА ВОЛСТРИТ: Стравот од рецесија си го направи своето
На Волстрит, индексот S&P 500 и Nasdaq паднаа вчера, бидејќи инвеститорите стравуваат од рецесија, откако низа податоци укажуваат на забавување на растот на американската економија.
Dow Jones зајакна 0,24 отсто, на 33.482 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,25 отсто, на 4.090 поени, а индексот Nasdaq 1,07 отсто, на 11.996 поени. Сите податоци објавени оваа недела покажуваат дека растот на американската економија забавува.
По извештаите за пад на фабричките нарачки и слабеење на услужната и производствената активност, извештајот објавен вчера, исто така, укажува на „заладување“ на пазарот на труд.
Агенцијата за вработување АДП извести дека во приватниот сектор бројот на вработени се зголемил за 145.000 во март, значително помалку од очекуваното и значително помалку од еден месец претходно, кога биле вработени околу 260.000 лица.
ФЕД: Никој не знае дали ќе имаме благо придвижување на економијата или рецесија
Сето ова упатува на забавување на растот на најголемата светска економија поради агресивното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка, па инвеститорите се плашат од рецесија. Од друга страна, сите овие податоци покажуваат дека ФЕД ги постигнува своите цели – успеа да го запре растот на инфлацијата, да ја ослаби потрошувачката и да го забави растот на економијата.
Како што ФЕД со месеци вели, никој не може да знае дали заострувањето на монетарната политика ќе доведе до „меко приземјување“ на економијата или до рецесија. Ова дава поддршка на пазарот, како и надеж на инвеститорите дека поради слабеењето на инфлаторните притисоци и забавувањето на економскиот раст, американската централна банка ќе го запре циклусот на зголемување на каматните стапки.
На пазарот на пари, се проценува дека има речиси 60 отсто шанси ФЕД дополнително да не ги зголеми каматните стапки во мај, додека шансите за зголемување од 0,25 процентни поени се намалија на само 40 отсто. Многумина проценуваат и дека ФЕД ќе започне со намалување на каматните стапки од седницата во јули.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Сепак, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,37 отсто, на 7.662 поени, но франкфуртски DAX ослабе за 0,53 отсто, на 15.520 поени, а париски CAC 0,39 отсто, на 7.316 поени.
